Цените на нафтата денеска паднаа на најниско ниво од декември 2021 година, бидејќи бранот немири во Кина го намали интересот на инвеститорите за ризични средства и ги замати изгледите за побарувачката на енергија, додавајќи стрес на веќе нестабилниот глобален пазар на сурова нафта.

Меѓународниот репер сурова нафта „брент“ падна за 2,53 долари или 3,03% на дневна основа, на 81,10 долари за барел.

Американската сурова нафта WTI потона за 2,25 долари или 2,95 % на 74,03 долари за барел.

Изминатиот викенд избувнаа масовни протести во Кина поради строгите мерки против Ковид 19 ширум земјата, вклучително и демонстрации во Пекинг и Шангај, кои поттикнаа распродажба на нафтениот пазар на почетокот на оваа недела, пишува Блумберг.

Новото повлекување на цените на нафтата доаѓа по неколкунеделни падови предизвикани од знаците за економско забавување во Кина и одлуката на Европската унија да ја ограничи цената на руската сурова нафта, која се чини дека има минимално влијание врз трговијата.

Во наредните денови, пазарот најверојатно ќе доживее поголема нестабилност на цените во пресрет на состанокот на ОПЕК + на следното ниво на производство.

Се проценува дека побарувачката на нафта во Кина во просек би можела да изнесува 15,11 милиони барели дневно во овој квартал, што е намалување од 15,82 милиони барели дневно една година порано, според американската аналитичка компанија Кеплер.