Македонските производители на храна изминатата 2021 година во странство продале производи во вредност од 389,5 милиони евра, што е зголемување за 7,23% или 26 милиони евра повеќе во споредба со извозот остварен во претходната 2020 година.

Ако се анализира извозот на храна од аспект на пазарите каде се извезува, тогаш македонските прехранбени производи минатата година најдобро се продавале во земјите од регионот и земјите членки на ЕУ.

Русија повеќе не е меѓу топ 3 најголемите пазари за извоз на македонска храна, откако минатата година извозот на овој пазар се намалил за 26,6% или за близу 7 милиони евра. Падот на извозот во Русија се должи на намалениот извоз на јаболка, но и на други овошја, како праски, кои традиционално се извезуваа на овој пазар.

Најголем раст, пак, на извозот на храна лани имало во Грција од дури 82,7%, пред се заради поголемиот извоз на пченица и јаболка, со што Грција стана седми најголем извозенн пазар за македонските прехранбени производи. Најголем дел или половина од извозот на храна во Грција минатата година отпаѓа на извозот на жита, кој изнесувал 9,7 милиони евра и бележи раст од 183% или 6,3 милиони евра во споредба со претходната 2020 година. Следат кондиторските производи со извоз од 2 милиони евра, исто колку и извозот на овошје, од кои 1,5 милиони евра се само од извоз на јаболка чиј извоз на грчкиот пазар лани се зголемил повеќе од двојно (+120%).

Голем раст на извозот на храна има и во Полска, каде лани се извезени прехранбени производи во вредност од 10,5 милиони евра, што е зголемување од 45% или за 3,2 милиони евра во споредба со претходната година. Најголем дел од извозот на овој пазар е од продажба на зеленчук во вредност од 8 милиони евра, од кои 5,2 милиони евра се од продажба на зелка. Извозот на овошје на полскиот пазар лани изнесувал 1 милион евра, од кои половина отпаѓа на извоз на свежо грозје, додека продажбите на преработки од зеленчук и овошје изнесувале околу 500 илјади евра.

Изминатата година најголем извозен пазар за македонските прехранбени производи остана Србија, каде биле извезени производи вредни 54,2 милиони евра, што е за 12,4% или за шест милиони евра повеќе во споредба со 2020 година. Најголем дел од извозот на храна на српскиот пазар отпаѓа на извозот на ајвар и други преработки од зеленчук и овошје, чиј извоз лани достигна 11,2 милиони евра. Околу 11 милиони евра изнесувал и извозот на зеленчук (најмногу се продавале домати), извозот на овошје изнесувал 9,7 милиони евра (најмногу се продавало свежо грозје). Следат кондиторските производи со продажби вредни 6,7 милиони евра.

Косово е втор најголем извозен пазар каде во 2021 година биле извезени прехранбени производи во вредност од 47,8 милиони евра, за 6,2% повеќе во споредба со 2020 година. На Косово најмногу продаваат кондиторските компании кои лани на овој пазар имале продажби во вредност од близу 13 милиони евра. Втора најголема извозна ставка во Косово се продажбите од преработки од зеленчук и овошје во вредност од 4,6 милиони евра, околу 4,5 милиони евра лани изнесувал извозот на млеко и млечни производи, извозот на преработки од месо и риба изнесувал 3,4 милиони евра, извозот на чоколади и производи од какао изнесувал 2,6 милиони евра, додека 2,5 милиони евра биле продажбите на сладолед на косовскиот пазар во 2021 година.

Голем раст од 29,4 % лани има и кај извозот на храна во Италија, чија вредност достигна 27,3 милиони евра, со што италијанскиот е четврти по големина извозен пазар за македонските прехранбени компании.

Статистиката покажува дека лани во Италија најголем извоз е остварен со продажба на јагнешко месо во вредност од близу 11 милиони евра. Следи извозот на зеленчук во вредност од 7 милиони евра, извозот на преработки од зеленчук и овошје во вредност од 2,7 милиони евра, извозот на квасец во вредност од 2, 2 милиони евра, извозот на кондиторски производи вреден 1,9 милион евра и извозот на овошје во вредност од 1,6 милиони евра.

Русија, која во 2020 година беше трет најголем извозен пазар за македонската храна, лани заради падот на извозот од близу 27% стана шести најголем извозен пазар. Минатата година во Русија била извезена храна во вредност од 19,7 милиони евра, од кои најголем дел или 12,2 милиони евра отпаѓа на извозот на овошје (од кој 8,5 милиони евра е извозот на јаболка). Извозот на зеленчук во Русија лани изнесувал 6,3 милиони евра, а околу 440 илјади евра бил извозот на преработки од зеленчук и овошје.

Извозот во Германија бележи постојан раст и минатата година надмина 18,9 милиони евра, што е годишен раст од 6,7%, но во споредба со претпандемиската 2019 година извозот е зголемен за околу 36% или за близу 5 милиони евра. Германија лани била седми најголем пазар за македонската храна, вреднаш зад Русија.
Најголем извоз на германскиот пазар лани имале производителите на преработки од овошје и зеленчук во вредност од 7,3 милиони евра. Следи извозот на зеленчук во вредност од 3,8 милиони евра, извозот на овошје во вредност од 2 милиони евра и извозот на кондиторски производи во вредност од 1,9 милионни евра.

Анализата покажува дека само на 13 пазари минатата година е остварен извоз поголем од 10 милиони евра.

Топ 5 извозни пазари за македонскиот зеленчук:

1.Србија         11 милиони евра
2.Полска          8 милиони евра
3.Италија         7 милиони евра
4.Русија           6,4 милиони евра
5.Германија     3,7 милиони евра.


Топ 5 пазари за македонското овошје:

1.Русија         12,2 милиони евра
2.Србија          9,7 милиони евра
3.Бугарија       3,3 милиони евра
4.Косово        2,6 милиони евра
5.Романија    2,0 милиони евра

Топ 5 извозни пазари за македонските преработки од зеленчук и овошје:

1.Србија         11,3 милиони евра
2.Хрватска       8,0 милиони евра
3.Германија     7,3 милиони евра
4.Косово          4,6 милиони евра
5.БиХ               3,9 милиони евра



Топ 5 извозни пазари за македонските кондиторски производи:

1.Косово         11,7 милиони евра
2.Романија       8,5 милиони евра
3.Србија           6,7 милиони евра
4.Хрватска        6,3 милиони евра
5.БиХ                3,8 милиони евра

Каква храна најмногу се извесува од Македонија?

Ако се гледа извозот на храна по групи на производи, најголем извозен приход минатата година е остварен од извозот на преработки од зеленчук и овошје, чија вредност лани достигна 67,6 милиони евра, што е за 8,64% повеќе во споредба со претходната 2020 година.

Од извоз на зеленчук лани бил остварен извозен приход од 67,3 милиони евра, што е годишен раст од 6,94% во споредба со 2020 година.

Извозот на кондиторски производи лани изнесувал 61,3 милиои евра и бележи годишен раст од 5,6%.

Извозот на овошје во 2021 година изнесувал 57,8 милиони евра и бележи пад од 18,72% во споредба со 2020 година.

Извозот на разни производи за исхрана лани изнесувал 34 милиони еврам а во оваа група најголе дел отпаѓа на извозот на сладолед, кој лани надмина 13 милиони евра.

Извозот на месо лани изнесувал 17,5 милиони евра, каде најголем удел или околу 16 милиони евра се остваруваат од извоз на јагнешко месо.

Извозот на преработки од месо лани изнесувал 15 милиони евра, во кој најголем е уделот на колбаси, чиј извоз лани ознесувал близу  9,5 милиони евра.

Извозот на млеко и млечни производи бележи постојан пад и лани изнесувал околу 7 милиони евра.