Млекара Битола во текот на 2024 година оствари вкупни приходи од 48,3 милиони евра, што претставува раст од 11,5% во споредба со претходната година, поакажува финансискиот извештај објавен на Македонската берза.

Најголем дел од приходите, односно 98%, се остварени преку продажба на производи, која во 2024 година достигна 47,6 милиони евра — раст од 10,38% во однос на 2023 година.

Продажбата на домашниот пазар учествува со 95,68% од вкупната продажба на компанијата и бележи раст од 9,6%, достигнувајќи 46,2 милиони евра.
Истовремено, приходите од продажба на странските пазари пораснаа за 44%, достигнувајќи 1,4 милиони евра, но сè уште имаат мало учество во вкупните приходи од продажба, од речиси 3%.
Во текот на минатата 2024 година, компанијата оствари вкупни расходи од 45,2 милиони евра — зголемување од 7,78% во споредба со 2023 година. Овој раст главно се должи на зголемени трошоци за суровини и материјали, набавна вредност на продадените стоки, материјални услуги и трошоци за вработени.

Нето добивката во 2024 година достигна 2,66 милиони евра, што е речиси двојно зголемување (раст од 98,6%) во споредба со профитот од 1,34 милиони евра остварен во 2023 година.

На крајот на 2024 година, во Млекара Битола беа вработени 238 лица, што претставува зголемување од 2,15% во однос на претходната година.

Млекара Битола е најголема компанија за преработка на млеко и производство на млечни производи во Македонија. Најголеми сопственици на компанијата се ИМЛЕК Србија ( 74,6%) и CEE Investments од Холандија (24,4%).