Македонскиот извоз во САД бележи драстичен пад во првите три месеци од годинава во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Во периодот јануари–март 2026 година, од Македонија во САД биле извезени стоки во вредност од 19,3 милиони долари, што претставува намалување од повеќе од 67% во однос на истиот период минатата година, кога извозот изнесувал 59,4 милиони долари.

Во исто време, увозот од САД во Македонија бележи силен раст. Во земјава биле увезени американски производи во вредност од 88 милиони долари, што е зголемување од 112 % на годишно ниво.

Падот на македонскиот извоз во САД е поврзан со зголемените царински стапки за увоз на производи на американскиот пазар, кои администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги воведе минатата година, а кои ги погодија извозно ориентираните компании од автомобилскиот и индустрискиот сектор.

Се преговара Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија помеѓу САД и Македонија

Во средината на февруари годинава, македонските власти објавија дека е усогласена заедничка изјава и рамка за Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија меѓу Македонија и САД. Со договорот треба да се утврди кои македонски производи ќе имаат пристап до американскиот пазар со пониски царински стапки од основната стапка од 15%, а кои ќе можат да се извезуваат без царина.
Македонија, пак, на почетокот на годинава целосно ги укина царинските давачки за увоз на индустриски и земјоделски производи со потекло од САД.
Во април 2025 година, администрацијата на Доналд Трамп воведе т.н. „реципрочни царини“, при што за Северна Македонија првично беше утврдена царинска стапка од 33 проценти за извоз во САД. По разговорите меѓу Скопје и Вашингтон, царината беше намалена на 15 проценти, но и тоа останува значително повисоко од претходното ниво.

Анализата на ИзвозМК на трговската размена меѓу двете земји покажува дека минатата 2025 година Македонија повеќе извезувала отколку што увезла производи од САД. Според податоците од Државниот завод за статистика ,трговската размена помеѓу Македонија и САД во 2025 година достигнала 482 милиони долари, со суфицит од 15 милиони евра во корист на Македонија.

Лани од Македонија во САД биле извезени производи вредни 248,5 милиони долари, што претставува повеќе од двојно зголемување (+110%) во споредба со 2024 година. Истата година од САД во земјава биле увезени производи вредни 233,5 милиони долари, што е годишен раст од 19%.
Анализата на податоците покажува дека минатата година 167,6 милиони долари или 67,5% од вкупниот извоз во 2025 година отпаѓаат на моторни возила и делови за возила(HS 87), во кои влегуваат и автобусите кои ВДЛ Ван Хол ги произведува во земјава, а ги извезува на американскиот пазар. Податоците покажуваат дека токму во овој дел е најголемиот пад на извозот во првите три месеци годинава.

На страната на увозот од САД во првите три месеци годинава, статистиката покажува дека најголем дел или 37,3 милиони долари се под ставка нераспределнот (ХС 98). Следуваат керамички производи, делови за моторни возила, минерални горива, машини, пластични маси и фармацевтски производи.

Поврзани написи:

Македонија и САД ќе договараат нов договор за реципрочна, фер и балансирана трговија

Македонија лани повеќе извезувала отколку што увезувала од САД

Владата предложи укинување на царините за увоз на производи од САД