Денес, 20 мај, се одбележува Меѓународниот ден на пчелата, ден посветен на подигнување на свеста за значењето на пчелите и нивната улога во производството на храна, земјоделството и зачувувањето на биодиверзитетот.

Пчеларството е значајна гранка во македонското земјоделие со богата традиција, која со децении обезбедува приходи за околу 6 илјади семејства во земјава.
Во Македонија, на крајот на 2025 година биле евидентирани 303 илјади пчелни семејства. Иако нивниот број е намален во споредба со претходната година, кога имало 319 илјади пчелни семејства, податоците покажуваат дека пчеларството во земјава бележи раст во последните неколку години.

Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство, во 2022 година во Македонија имало околу 290 илјади пчелни семејства, а во 2024 година нивниот број пораснал на 316.415. Од нив, околу 11 илјади пчелни семејства се сертифицирани како органски, што укажува на постепен раст и на органското пчеларство.
Најголем дел од домашното производство на мед се продава на домашниот пазар, додека помал дел се извезува. Според податоците за надворешната трговија, во 2025 година од Македонија биле извезени околу 98 илјади килограми мед во вредност од 450 илјади евра.

Истовремено, увозот на мед е значително поголем. Минатата година во земјава биле увезени 282 илјади килограми мед во вредност од околу 940 илјади евра, што покажува дека домашното производство сè уште не може целосно да ја задоволи побарувачката на пазарот.

Пчеларството има значајна улога во домашното земјоделство, не само преку производството на мед и пчелни производи, туку и преку опрашувањето на земјоделските култури. Голем дел од овоштарското и градинарското производство директно зависи од активноста на пчелите.

Пчеларите во Македонија во последните години се соочуваат со повеќе предизвици, меѓу кои климатските промени, сушните периоди, употребата на пестициди и болестите кај пчелите, што влијае врз приносите и производството на мед.

Меѓународниот ден на пчелата се одбележува секоја година на 20 мај, на иницијатива на Словенија и под покровителство на Обединетите нации, со цел да се потенцира важноста на пчелите за одржливото земјоделство и глобалната безбедност на храната.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Македонија трета земја во свет според приходите по жител од индустријата за мед