Северна Македонија направи значаен економски напредок од осамостојувањето, но моделот што досега го движеше растот сè потешко може да обезбеди побрзо приближување кон животниот стандард на Европската Унија.
Иако економијата е отворена и извозот расте, зависноста од увоз, преголемата концентрација, слабите приватни инвестиции и ниската продуктивност остануваат клучни ограничувања за поголем раст, се вели во новиот Извештај на Светската банка “Северна Македонија: Излез од стапицата на среден доход”, кој денеска беше презентиран во присуство на премиерот Христијан Мицковски, министри и претствници од економската јавност.
Во Извештајот се вели дека од економија со централно планирање, С. Македонија за помалку од две децении успеала да премине од земја со понизок- среден доход во групата земји со средно-висок доход. Но, веќе 17 години земјата останува во категоријата економии со средно-висок доход, бидејќи сегашниот модел поттикнуван од приватната потрошувачка и странски директни инвестиции со ниска додадена вредност и со висок увозен интензитет, при висока концентрација на извозот на мал број пазари и производи, ги достигнал своите граници и е недововел за да се одржи понатамошен брз раст.
Заради тоа приближувањето кон европскиот животен стандард се одвива побавно отколку кај дел од земјите од регионот.
Заради тоа, пакетот реформи – фокусиран на зајакнување на управувањето, искористување на потенцијалот на приватниот сектор и градење вештини кај работниците, особено кај младите – би можел да ѝ помогне на Северна Македонија да го забрза економскиот раст, да отвори илјадници нови работни места и да го подобри животниот стандард на граѓаните.
„Економското патување на Северна Македонија од независноста наваму претставува успешна приказна. Сега се поставува прашањето како да се надгради таа основа“, вели Керол Мегеванд, раководител на канцеларијата на Групацијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија. „Земјата располага со вистински предности: талентирано младо население, стратешка локација и сè поголема интеграција со европските пазари. Овој извештај нуди практични решенија за нивно максимално искористување и, преку соодветни реформи, за забрзување на растот, намалување на јазот во приходите во однос на ЕУ и обезбедување реални можности за граѓаните.“
Во Извештајот за раст и работни места во Северна Македонија се наведува дека, доколку не се преземат соодветни мерки, растот на земјата ќе забави на просечни 2,4 % годишно до 2050 година, што е значително под темпото потребно за намалување на јазот во приходите во однос на Европската унија. Сеопфатен пакет реформи би можел да го зголеми тој раст на 3,8 проценти до 2050 година, при што би се отвориле дополнителни 53.000 работни места за лицата кои во моментов се надвор од пазарот на трудот, а истовремено би се подобриле платите и условите за работа за 196.000 лица кои дотогаш веќе ќе бидат вработени.
Македонија стигна до само 42% од европскиот просек
Приближувањето кон доходовните нивоа на ЕУ е побавно отколку кај регионалните земји за споредба, а без реформи се предвидува растот на БДП да забави на само 2,4% до 2050 година, далеку под годишниот раст потребен за целосна конвергенција со ЕУ во рамките на една генерација.
Во 2024 година БДП по жител според стандардот на куповна моќ достигнал околу 42% од просекот на ЕУ-27. За една деценија јазот е намален за само четири процентни поени.
За споредба, во истиот период Албанија и Србија напредувале за околу седум процентни поени, а Црна Гора за десет.
Искуството на поуспешните европски економии дополнително го покажува предизвикот. Летонија, на пример, за осум години преминала во групата земји со високи приходи, а Хрватска за 13 години.

Три структурни слабости кои го кочат повисокиот економски раст на земјата
• Ниска продуктивност и ниски инвестиции– Јазот во приватните инвестиции во однос на останатите земји се проширува, додека растот на вкупната факторска продуктивност (ВФП) е негативен од 2010-тите. Инвестициите претежно се насочуваат кон средства што само маргинално го зголемуваат производствениот или технолошкиот капацитет, создаваат помалку конкурентни приноси и го обесхрабруваат понатамошното приватно акумулирање капитал.
• Нарушени пазари и слаба конкуренција – Пазарната концентрација е висока: водечките фирми во 10 од 14 сектори контролираат повеќе од половина од секторските приходи, додека државата сè уште има удел во речиси 50 проценти од фирмите кои работат во конкурентни сектори. Вкоренетите доминантни фирми, слабото владеење на правото и корупцијата ја потиснуваат динамиката потребна за раст на продуктивноста.
• Недоволно искористен, сè помал и скап човечки капитал – Работната сила старее и се намалува поради иселувањето. Жените учествуваат на пазарот на труд со 19 процентни поени помалку од мажите, додека 24 проценти од младите не се вработени, ниту се во образование или обука. Иако образовното ниво се зголемува, 22 проценти од работниците се преквалификувани за своите работни места, а квалитетот на образованието опаѓа. Платите растат побрзо од продуктивноста, што ја намалува конкурентноста.
Tри приоритетни области за реформи
Првата област на реформи, и онаа со најголемо проектирано влијание, е зајакнување на економското управување и конкуренцијата преку подобрувања на ефикасноста на јавните трошоци, порамноправни услови за бизнисите, посилно управување со државните претпријатија и подобра трговска политика и логистичка инфраструктура.
Вториот приоритет е забрзување на усвојувањето на технологијата, иновациите и енергетската ефикасност за да им се помогне на фирмите да станат попродуктивни и поконкурентни, а воедно да се поддржи зелената транзиција на земјата.
Третиот приоритет е развој на вештини и мобилизирање на работниците преку поголемо учество на жените во работната сила, подобар премин од училиште кон работа за младите луѓе, проширено доживотно учење и намалени бариери на пазарот на трудот.
Извозот расте, но економскиот ефект од тоа е ограничен
Во Извештајот се нотира дека Северна Македонија денес е една од најотворените економии во поширокиот европски регион. Вкупната трговија во 2024 година достигнала дури 136% од БДП.
Сепак, се потенцира дека големиот извоз не се претвора автоматски во висок економски раст, а проблемот се лоцира во неговата структура.
Извозната база на Северна Македонија и понатаму е силно концентрирана во нисковредносните синџири на снабдување во автомобилската индустрија, при што домашната додадена вредност на извозот изнесува само 18% од извозот.
“Извозната база е релативно тесна, силно зависна од увезени суровини и компоненти, и силно концентрирана во нисковредносните синџири на снабдување во автомобилската индустрија. Имено, речиси половина е поврзана со автомобилските синџири на снабдување и германскиот пазар, при што само 18% е домашно создадена вредност. Тоа ја прави домашната економија особено чувствителна на случувањата во германската автомобилска индустрија. Забавување на производството, промени во синџирите на добавувачи или забрзана транзиција кон нови технологии во Германија може директно да се пренесат врз македонскиот извоз. Истовремено, високата увозна зависност на извозот значи дека само дел од вредноста на извезените производи реално се создава во домашната економија”, се вели во Извештајот на Светска банка.
Заради тоа Светската банка упатува на промени во конептот на привлекување на странски инвестиции, преку зголемување на врските со домашната економија, а не само преку поголема промоција, како и олеснување на условите за работа на постојните странски инвеститори. Исто така се препорачува и промена на трговската стратегија со цел зголемувањето на учеството на производството со повисока додадена вредноста, дигиталните услуги и зелените сектори, преку царини и квалитетна инфраструктура.
Од индустрија кон услуги
Во Извештајот се посочува дека Македонија поминала и низ една од најсилните деиндустријализации во регионот. Учеството на преработувачката индустрија во БДП од околу 19% во средината на деведесеттите паднало на приближно 9% во почетокот на 2000-тите.
Со привлекувањето странски инвестиции и развојот на технолошко-индустриските зони започнато е постепено закрепнување, па до 2024 година уделот се искачил на околу 14% од БДП.
Но, тоа сè уште е значително под нивото од 18% до 22% кај поуспешните економии од Централна Европа и Балтикот.
Во последните години услугите стануваат главен мотор на економијата. Од 2020 година тие придонесуваат со околу 2,2 процентни поени во годишниот раст, а покрај традиционалните трговски дејности, сè поголемо значење добиваат ИТ и другите сектори базирани на знаење.
Над 70% од инвестициите се во градежништво и изградба на станови, само една третина во машини и опрема
Приватните инвестиции во Северна Македонија подолг период бележат надолен тренд, а земјата постепено ја губи позицијата што ја имаше во однос на споредливите економии. Уделот на капиталот во БДП се намалува, при што Македонија денес заостанува не само зад понапредните земји како Хрватска и балтичките држави, туку и зад економии со слично ниво на развој.
Ова укажува дека предизвикот повеќе не е само како да се достигнат поразвиените земји, туку и како да се одржи чекорот со директните конкуренти. Продолжувањето на ваквиот тренд носи ризик економијата да остане во круг на ниски инвестиции и ниска продуктивност, што дополнително би го отежнало преминот кон групата земји со високи приходи.
Проблем не е само обемот, туку и каде се вложува капиталот. Иако кон крајот на 2000-тите Македонија имала релативно високи приноси од инвестициите, таа предност постепено се намалувала и денес приносите се под нивото на повеќе споредливи економии.
Причините се поврзуваат со недоволната конкуренција на пазарот, институционалната неизвесност и структурата на индустријата, која не создава доволно услови домашните компании да инвестираат во активности со повисока додадена вредност.
Особено впечатлива е структурата на вложувањата. Во периодот 2013–2025 година речиси две третини од инвестициите на компаниите биле насочени кон градежништвото, во голем дел кон станбена изградба поттикната од дознаките од дијаспората. Само една третина од инвестициите завршила во машини и опрема.
Тоа значи дека значителен дел од капиталот се насочува кон имот, наместо кон нови производствени капацитети, автоматизација, современа опрема и технолошка модернизација.
Дополнителен проблем е стагнацијата на вложувањата во истражување и развој. Слабите инвестиции во нови технологии, иновации и модернизација на производните процеси помагаат да се објасни зошто акумулацијата на капитал во Македонија не резултира со посилен раст на продуктивноста.
Со други зборови, на македонската економија не ѝ недостига само повеќе капитал – потребна е промена и во тоа каде и како се инвестира.
Висока концентрација на пазарот ја ограничува конкуренцијата и инвестициите
Пазарот во Северна Македонија останува високо концентриран, при што во најголем дел од секторите четирите водечки компании остваруваат повеќе од половина од вкупните приходи. Уште позначајно е што истите компании со години ги задржуваат доминантните позиции, што остава мал простор за нови играчи и посилна конкуренција.
Ваквата структура директно влијае врз економскиот динамизам. Кога конкурентскиот притисок е слаб, компаниите имаат помал мотив да инвестираат во нови технологии, да ја подобруваат ефикасноста и да воведуваат иновации. Истовремено, потешкиот влез на нови компании го ограничува растот на продуктивноста.
Дополнителен проблем е силното економско присуство на државата. Владата има сопственички удели во повеќе од 190 субјекти, од кои речиси половина работат во сектори во кои постои или би требало да постои пазарна конкуренција. Ваквата поставеност може да ги обесхрабри приватните инвестиции и да го наруши функционирањето на пазарните механизми.
Како сериозна пречка за бизнисот се издвојуваат и корупцијата, слабостите во владеењето на правото и регулаторниот товар. Според наведените податоци, 18,4% од компаниите изјавиле дека даваат подароци на јавни службеници „за да завршат работа“, додека 11% ја посочуваат корупцијата како најголема пречка за водење бизнис.
Сите овие фактори создаваат своевиден „структурен данок“ за приватниот сектор – дополнителен трошок кој можеби не се гледа директно во даночните стапки, но се чувствува преку помали инвестиции, послаба конкуренција и побавен економски раст.
Во суштина, проблемот не е само во структурата на пазарот, туку и во квалитетот на институциите и управувањето, кои се клучни за создавање средина во која новите и продуктивни компании можат да растат и да им конкурираат на веќе етаблираните играчи.
Клучниот проблем е продуктивноста
Иако инвестициите во капитал долго време биле еден од главните двигатели на растот, продуктивноста останала слаба. Стареењето на населението и иселувањето дополнително ја намалуваат расположливата работна сила, додека компаниите сè потешко наоѓаат работници со потребните квалификации.
Оттука, предизвикот за Македонија веќе не е само како да привлече повеќе странски инвестиции и да извезува повеќе, туку како поголем дел од вредноста на тој извоз да се создава дома.
За следната фаза на економски развој ќе бидат потребни повеќе инвестиции во машини, технологии, дигитализација, истражување и квалификуван кадар, но и посилно поврзување на домашните компании со странските инвеститори.
Без раст на продуктивноста, диверзификација на извозот и премин кон производство и услуги со поголема додадена вредност, постои ризик земјата уште долго да остане во т.н. „стапица на среден доход“ – со раст доволен за одржување на сегашното ниво, но недоволен за побрзо достигнување на европскиот животен стандард.
Сепак според Светска банка, најголемото ограничување за забрзување на конвергенцијата на Северна Македонија ќе бидат управувањето, владеењето на правото и борбата против корупцијата.
И покрај овие предизвици, Северна Македонија има значителни можности да го забрза растот на
продуктивноста, да ја зајакне конкурентноста и да го зголеми животниот стандард, заклучува Светската банка.
Извештајот утврдува реформска агенда која ако се спроведе би можела да резултира со годишен раст од 3,8 проценти, достигнување 76 % од просечниот доход во ЕУ според стандардот на куповна моќ и 250.000 повеќе и подобри работни места до 2050 година.
Процесот на пристапување кон ЕУ е одлична можност за да се забрзаат реформите, но тој не може да биде замена за реформите, за чие исполнување ќе биде потребна политичка волја и посветеност.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Грант од милион евра од Светска банка за купување нови возови и електрични локомотиви

























