Цените на услугите во секторот транспорт и складирање продолжуваат да растат, што дополнително ги зголемува трошоците за компаниите извозници, производителите и трговците.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2026 година, во споредба со истиот период лани, цените на услугите во секторот транспорт и складирање се зголемиле за 6,5%.
Најголем раст е забележан кај копнениот и цевководниот транспорт, каде цените се повисоки за 6,7% на годишно ниво. Од друга страна, цените на поштенските и курирските услуги останале непроменети.
Со оглед дека повеќе од 90% од транспортот на стоки во Македонија се одвива по патен транспорт, растот на цените кај копнениот превоз директно влијае врз трошоците на компаниите, цените на производите и конкурентноста на извозниците. Особено погодени се производствените и извозно ориентираните компании, за кои транспортот претставува значаен дел од вкупните оперативни трошоци.
Економистите предупредуваат дека ваквите движења дополнително ги зголемуваат инфлаторните притисоци, бидејќи повисоките логистички трошоци постепено се прелеваат врз крајните цени што ги плаќаат потрошувачите.
Растот на транспортните трошоци доаѓа во период кога компаниите се соочуваат со повисоки цени на горивата заради конфликтот на Блискиот Исток, како и на работната сила и суровините. За извозно ориентираните компании, транспортот претставува значаен дел од вкупните производствени и извозни трошоци, особено кај индустриите кои извезуваат стоки со пониска додадена вредност или работат со тесни профитни маржи.
Особено чувствителни на ваквите движења се прехранбената индустрија, трговијата, градежниот сектор и индустриите зависни од увоз на суровини и репроматеријали. Повисоките транспортни цени влијаат и врз цените на храната, производите за широка потрошувачка и извозните производи, што дополнително го зголемува инфлаторниот притисок во економијата.
Аналитичарите оценуваат дека зголемените логистички трошоци можат да влијаат врз конкурентноста на домашните извозници, особено кај индустриите со пониски профитни маржи. Во услови кога европските пазари бележат забавување на економскиот раст, дополнителното зголемување на трошоците може да ја намали конкурентската позиција на дел од македонските извозници.
Дел од компаниите веќе инвестираат во оптимизација на транспортните рути и дигитализација на логистичките процеси со цел да ги намалат трошоците и да ја зголемат ефикасноста.
Во истиот период, раст на цените е регистриран и во секторот Информации и комуникации. Во одделот Телекомуникации цените на услугите се повисоки за 4,2 % во споредба со првото тримесечје од 2025 година.
Фото: Magnific
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Транспортот е погоден од кризата со Иран: Поскапо гориво, доцнења и дополнителни трошоци
Војната во Иран ги зголеми цените на авионскиот карго превоз



























