Минатата година од Македонија биле извезени речиси 6.000 тони чоколади и други производи што содржат какао (ХС код 1806) во вкупна вредност од 29,6 милиони евра.
Вредноста на извозот бележи раст од 7,4% во споредба со претходната година, додека количините се намалени за 8%. Овие податоци упатуваат дека растот на извозните приходи во голема мера се должи на повисоките продажни цени на производите на меѓународните пазари.
Во истиот период, во Македонија биле увезени близу 9.000 тони чоколади и производи од какао во вредност од 54,6 милиони евра.
И покрај годишните осцилации, извозот на чоколади и производи од какао бележи континуиран раст во последните неколку години. Во споредба со претпандемиската 2019 година, вредноста на извозот е зголемена за два и пол пати, додека количините се повисоки за околу 25%.

Растот на извозните приходи доаѓа во период на значително поскапување на какаото на светските пазари, што се одрази и врз цените на чоколадните производи.
Еден од најголемите извозници во оваа категорија е компанијата Luthman Backlund Foods Production, која во својата фабрика во Битола произведува здрави барови и функционални производи што најчесто се пласираат како приватни трговски марки на странските пазари. Производите на компанијата се извезуваат во Шведска, САД и на други високоразвиени пазари каде што побарувачката е насочена кон квалитетни и здрави производи, без додаден шеќер и со внимателно избрани состојки.
ИзвозМК веќе пишуваше за успешната извозна приказна на Luthman Backlund Foods Production, која претставува пример дека Македонија може успешно да се позиционира како конкурентна производствена дестинација и на најпребирливите светски пазари.
Меѓу позначајните извозници на чоколади и производи од какао се и домашните кондиторски компании Макпрогрес, Витаминка, Виталиа, Европа и други производители.
Шведска и САД најголеми пазари за македонските чоколадни производи
Минатата година македонските чоколадни производи биле извезени во околу 50 земји ширум светот. Сепак, само на седум пазари е остварен извоз поголем од еден милион евра.
Најголем извозен пазар е Шведска, каде бил реализиран извоз во вредност од 8,5 милиони евра. Вториот најголем пазар се Соединетите Американски Држави, со извоз од 3,2 милиони евра.
Следуваат:
- Косово – 2,9 милиони евра
- Србија – 2 милиони евра
- Босна и Херцеговина – 1,8 милиони евра
- Велика Британија – 1,7 милиони евра
- Бугарија – 1,2 милиони евра
Во Хрватска бил реализиран извоз на чоколадни производи во вредност од 957 илјади евра.
Податоците покажуваат дека македонските производители сè поуспешно се позиционираат на странските пазари, особено во сегментот на производи со повисока додадена вредност, каде што квалитетот, иновативноста и специјализираните производи стануваат клучни фактори за раст на извозот.
Макпрогрес отвори нова фабрика вредна 8,5 милиони евра: Производството ќе порасне за 30%

























