Македонија во 2025 година извезла стоки во вредност од околу 8 милијарди евра, додека увозот достигнал 11,5 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извоз изнесувала 69,4%, а трговскиот дефицит достигнал околу 3,5 милијарди евра.
Анализата на ИзвозМК на стоковната размена по земји покажува дека Македонија минатата година тргувала со 147 земји. Со 95 од нив земјата имала трговски дефицит, односно увозот бил поголем од извозот, додека со 52 земји бил остварен трговски суфицит.
Кои се земјите со кои Македонија има најголем позитивен трговски биланс и кои производи најмногу придонесуваат за него?
Германија убедливо на првото место
Податоците покажуваат силна концентрација на позитивното трговско салдо. Убедливо на врвот е Германија, каде во 2025 година Македонија извезла стоки во вредност од околу 2,9 милијарди евра, а увезла стоки за 1,1 милијарда евра. Со тоа, трговскиот суфицит достигнал високи 1,75 милијарди евра. Тоа е повеќекратно повеќе од суфицитот со која било друга земја и ја потврдува големата зависност на македонскиот извоз од германскиот пазар и автомобилската индустрија.
Анализата по сектори покажува дека најголем дел од позитивното салдо се создава преку извозот на катализатори и други производи поврзани со автомобилската индустрија.
Значителен суфицит се остварува и кај машините и транспортните уреди, каде позитивното трговско салдо со Германија изнесува околу 310 милиони евра.
Косово втор најголем пазар според суфицитот
На второто место е Косово. Во 2025 година таму биле извезени македонски производи во вредност од околу 356 милиони евра, додека увозот изнесувал околу 93 милиони евра. Разликата создава трговски суфицит од приближно 263 милиони евра.
Најголем придонес во позитивното салдо има трговијата со храна, нафтени деривати, хемиски производи, машини и транспортни уреди, како и пијалоци и тутун.
Автомобилските компании го движат и суфицитот со Унгарија
Меѓу земјите со најголем позитивен биланс е и Унгарија, со трговски суфицит од близу 150 милиони евра. Македонија во 2025 година извезла стоки во вредност од над 360 милиони евра, додека увозот изнесувал околу 214 милиони евра.
И тука автомобилската индустрија има клучна улога. Голем дел од позитивното салдо произлегува од компаниите во Македонија кои произведуваат и извезуваат автомобилски компоненти за големите производители и нивните фабрики во Унгарија.
Во останатите сектори, пак, трговската размена со Унгарија главно е во дефицит.
Кабли, автомобилски седишта и челик се најзаслужни за суфицитот со Чешка
Со Чешка Република Македонија во 2025 година остварила трговски суфицит од околу 128 милиони евра. Извозот достигнал 287 милиони евра, а увозот бил близу 160 милиони евра. Меѓу производите кои најмногу придонесуваат за позитивното салдо се каблите и седиштата за автомобилската индустрија, како и производите од челик.
Значаен трговски суфицит е остварен и со Словачка, во износ од околу 136 милиони евра, исто така благодарени на автомобилските делови.
Македонија со Белгија остварила позитивно трговско салдо од околу 39 милиони евра.
Најголем придонес има извозот на автобуси произведени во земјава, како и трговијата со тутун.
Речиси идентичен суфицит, од околу 39 милиони евра, е остварен и со Албанија. Позитивното салдо со овој сосед главно се создава преку трговијата со гипс и градежни материјали, лекови, пластични маси и изолирани жици.
Со Црна Гора трговскиот суфицит во 2025 година изнесувал околу 32 милиони евра. Значаен дел од позитивното салдо се создава во трговијата со храна, каде македонските компании оствариле извоз од околу 20 милиони евра и суфицит од приближно 19 милиони евра.
Со Шпанија, пак, суфицитот изнесувал околу 29 милиони евра. И на овој пазар значајна улога има извозот на автомобилски компоненти за производствените капацитети на европската автомобилска индустрија.
Во трговијата со Босна и Херцеговина бил остварен суфицит од близу 19 милиони евра, при што позитивно салдо има кај машините и транспортните уреди, како и кај пијалоците и тутунот.
Податоците јасно ја покажуваат главната карактеристика на македонскиот извоз: зависноста и поврзаноста со автомобилската индустрија и странските производствени капацитети во земјава кои имаат клучна улога во создавањето на трговскиот суфицит.
Од десетте земји со кои Македонија има најголем позитивен трговски биланс, кај шест значаен придонес имаат производите поврзани со автомобилската индустрија – Германија, Унгарија, Словачка, Чешка, Белгија и Шпанија.
Истовремено, размената со Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина покажува поразновидна структура, во која поголемо значење имаат храната, енергенсите, градежните материјали, фармацевтските производи, машините, пијалоците и тутунот.























