Рекорден број од 20 кинески автомобилски брендови ќе изложуваат на Саемот за автомобили во Париз. кој почнува денеска, 12 октомври и ќе трае до 18 октомври.

Оваа бројка е двојно поголема од онаа на претходното издание и претставува јасен показател за тоа колку брзо кинеските производители се етаблираа како конкурентна сила во Европа, и покрај растечките трговски бариери.

Настанот се одржува во клучен момент за автомобилската индустрија во регионот. Европските производители бележат пад на продажбата во Кина уште од почетокот на пандемијата на Ковид-19, додека кинеските производители – кои во голема мера се исклучени од пазарот во САД и се соочуваат со послаба побарувачка дома – го насочија својот фокус кон Европа, нудејќи сè поширока палета на електрични возила и „плаг-ин“ хибриди.


Податоците од „Schmidt Automotive Research“ покажуваат дека кинеските брендови имале удел од 10,7 отсто на европскиот пазар во вториот квартал, што претставува пораст од 5,7 отсто во однос на претходната година – ниво што ја надминува позицијата што ја постигнаа јапонските конкуренти кога влегоа на европскиот пазар во 1970-тите години.


Европските производители се соочуваат со растечки притисок поради слабата домашна побарувачка, американските царини и трошоците за електрификација. „Volkswagen“ укинува илјадници работни места и размислува за затворање фабрики со цел да ги намали трошоците, додека нивниот конкурент во сегментот на луксузни возила, „BMW“, исто така отпушта илјадници работници.

Европската Унија воведе царини за целосно електричните автомобили произведени во Кина пред две години, но кинеските производители одговорија со проширување на понудата кон модели со мотори со внатрешно согорување и „плаг-ин“ хибриди. Според податоците на „Schmidt“, кинеските брендови учествувале со повеќе од 26 отсто на пазарот за „плаг-ин“ хибриди во Западна Европа во вториот квартал, што е значителен пораст од само 2,2 отсто во истиот период две години претходно.

Во исто време, европските производители на автомобили се обидуваат да профитираат од подемот на нивните кинески конкуренти преку продажба на капацитети во фабрики што не се целосно искористени и преку користење на нивната технологија за електрични возила. На пример, „Stellantis“ склучи партнерство со кинеската државна компанија „Dongfeng“.

На етаблираните имиња како BYD и Chery ќе им се придружат и нови играчи, меѓу кои Aito – премиум бренд во сопственост на групацијата Seres со седиште во Чонгкинг – како и Avatr. Aito се стреми кон пробив во регионот, со цел продажбата на странските пазари да достигне 20 проценти од вкупниот обем во рок од три години, што претставува значителен пораст од сегашните помалку од 1 процент. Компанијата планира во Париз да претстави четири премиум електрични SUV-модели наменети за европскиот пазар.

Европските производители, исто така, подготвуваат контраофанзива со нова генерација на попристапни електрични модели. Една од главните премиери на саемот ќе биде оживувањето на моделот Citroen 2CV од страна на Stellantis – модел што ќе ги тестира новите правила кои им овозможуваат на производителите на автомобили да изостават одредени карактеристики со цел да понудат попристапни електрични возила и да ѝ се спротивстават на кинеската конкуренција.

„Овој саем на автомобили веројатно ќе биде најважниот во регионот по пандемијата“, изјави автомобилскиот аналитичар Фелипе Муњоз. „Ова е платформата што Европејците ја користат за да им порачаат на Кинезите дека сè уште се силни и подготвени.“

Франсоа Рудје, генерален секретар на Меѓународната организација на производители на моторни возила, изјави дека појавата на кинеските брендови помогнала да се оживеат саемите на автомобили откако интересот на некои традиционални производители опаднал.

Настанот во Париз ќе послужи како показател дали европските производители на автомобили можат да ја одбранат својата домашна позиција, а истовремено да го искористат технолошкиот замав што кинеските компании го постигнаа во областа на електрификацијата.

Со оглед на тоа што веќе се воведени царини за кинеските електрични возила, а пред неколку дена беше договорено и намалување на увозот на хибридни возила од Кина во ЕУ, битката за европскиот пазар на автомобили влегува во нова и поинтензивна фаза.

Фото: Paris Motor Show

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

(Фотогалерија) IAA MOBILITY 2025: Кинеска доминација на најголемиот автомобилски саем во Минхен