Економскиот раст во Западен Балкан се очекува да се забрза во 2026 и 2027 година, поттикнат од зголемената потрошувачка и инвестициите. Сепак, за компаниите од регионот да станат поконкурентни на меѓународните пазари и да создаваат повеќе и подобро платени работни места, неопходно е намалување на трговските трошоци и поедноставување на регулативите, покажува најновиот извештај на Светска банка.

Според „Редовниот економски извештај за Западен Балкан“ на Светска банка, просечниот економски раст во шесте економии од регионот – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија – се предвидува да достигне 3,1% во 2026 година, во споредба со 2,6% во 2025 година. Во 2027 година растот се очекува да се забрза на 3,4% и да се задржи на истото ниво во 2028 година.

Извозот расте, но трговските трошоци остануваат предизвик

Земјите од Западен Балкан веќе имаат висок степен на интеграција во меѓународната трговија. Во 2025 година, трговијата со стоки и услуги достигнала 107% од регионалниот бруто-домашен производ (БДП), надминувајќи го просекот на Европската унија од 90%.

Особено значаен е растот на извозот на услуги, кој во периодот од 2010 до 2025 година се зголемил четирикратно.

Сепак, и покрај постигнатиот напредок, компаниите од регионот и понатаму се соочуваат со административни и регулаторни пречки кои ја намалуваат нивната конкурентност и го отежнуваат пристапот до странските пазари.

Според Светска банка, следната фаза од реформите треба да биде насочена кон намалување на таканаречените „трошоци зад границата“, односно трошоците што произлегуваат од сложени процедури, дополнителни дозволи, инспекции и други регулаторни барања.
Намалувањето на трговските пречки може значително да го зголеми БДП

Просечните царини за увоз на стоки во Западен Балкан изнесуваат околу 6%, но нецаринските мерки создаваат дополнителни трошоци од околу 10%. Во одредени земјоделско-прехранбени сектори тие надминуваат 20%, додека ограничувањата во трговијата со услуги имаат проценето трошковно влијание од 29%.

Анализите на Светска банка покажуваат дека отстранувањето на половина од преостанатите пречки за увоз би можело да придонесе за зголемување на регионалниот БДП за дури 12,5% на среден рок.

Меѓу главните пречки се сложените постапки за лиценцирање и сертификација, повторувачките инспекции, дополнителните административни барања и обврските за локално присуство на компаниите.

Нивното поедноставување би овозможило пониски оперативни трошоци, полесен пристап до суровини и репроматеријали и подобри услови за настап на меѓународните пазари.

Повисоките трошоци за увоз, исто така, им отежнуваат на компаниите во регионот да извезуваат и да се задржат на извозните пазари. Само околу една третина од новите извозни претпријатија формирани од фирми од Западен Балкан ја преживуваат својата прва година, а само 1 до 4 проценти ја достигнуваат својата петта година. Ова е важно за работните места, бидејќи трговските фирми вработуваат огромно мнозинство работници во производството во регионот.
Тие се исто така генерално поголеми и плаќаат подобро од споредливите фирми кои се фокусираат на домашниот пазар.

Поедноставни процедури за поконкурентни компании

Светска банка посочува дека реформите не треба да значат само намалување на бројот на регулативите, туку пред сè нивно подобрување.

Приоритет треба да добијат дигитализацијата и поедноставувањето на административните постапки, воведувањето инспекции засновани на процена на ризик, меѓусебното признавање на усогласените стандарди и професионалните квалификации, како и задржувањето на неопходните мерки за заштита на јавниот интерес.

За македонските извозници, ваквите реформи се особено значајни бидејќи можат да придонесат за намалување на трошоците, поефикасно работење и поголема конкурентност на европските и светските пазари.

Понатамошното олеснување на трговијата, намалувањето на административните оптоварувања и усогласувањето со европските стандарди претставуваат важни предуслови за зголемување на извозот, привлекување инвестиции и создавање нови, поквалитетни работни места во регионот.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Светска банка предлага реформи за побрз раст: Поголема продуктивност, инвестиции и домашна додадена вредност во извозот се клучни
Грант од милион евра од Светска банка за купување нови возови и електрични локомотиви
Светска банка: Населението во Западен Балкан старее најбрзо во Европа што е најголема закана за економијата