Денеска е денот на рударите, 28 август. Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески упати искрени честитки до сите вработени во рударскиот сектор, компании, институции, науката и академската заедница.

Стопанската комора во својата организациона поставеност ја има Македонската асоцијација за рударство – МАР која ги обединува најголемите и најзначајните компании кои учествуваат во креирање на Бруто домашниот производ (БДП) и кои иднината на развојот на секторот ја гледаат преку креирање  безбедно, модерно, одговорно користење на природните ресурси со конкретни придобивки за локалните заедници и целокупната економија.

„Рударството е значаен дел од македонската економија, но неговиот иден развој мора да се темели на јасни правила, засилен институционален надзор, поголема безбедност, современи технологии и конкретни придобивки за средините во кои се врши експлоатацијата”, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Во 2025 година во Македонија се произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат, додека рударството учествуваше со 10,9 % во индустриското производство и со 2,8 % во вкупниот македонски извоз.

Македонија има и Стратегијата за минерални суровини, со која по повеќе децении оваа област треба да добие јасна и долгорочна развојна насока.

Во име на Стопанска комора, а и во свое лично име, претседателот Бранко Азески, на верниците од православната вероисповед го честита празникот 28 август Успение на Пресвета Богородица.

Средба со дел од амбасадорскиот кор во Дебар

На покана на акредитирани дипломати во Македонија, во Дебар се одржаа активности со претставници на дипломатскиот кор, бизнисмени и истакнати личности од регионот, на кои присуствуваше и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

Во рамки на програмата беше посетен манастирот „Св. Јован Бигорски“, каде гостите имаа можност да ја разгледаат црквата и манастирските одаи и да се запознаат со богатото духовно и културно наследство на манастирот.

По повод посетата, а во пресрет на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, претседателот Азески му подари уметничка слика на манастирот како знак на почит и благодарност.

Средбата продолжи со неформално дружење во релаксирана атмосфера покрај Дебарското Езеро, во хотелот „Цами“. Во разговорите со претставниците на дипломатскиот кор, бизнисмените и истакнатите личности од регионот беа разменети мислења за прашања од значење за бизнисот, економскиот амбиент и можностите за унапредување на регионалната соработка.

Посебен акцент беше ставен на перспективите за натамошно продлабочување на економските и деловните врски, особено имајќи предвид дека дел од актуелните амбасадори го завршуваат својот мандат и се враќаат во своите земји на други владини позиции. Нивното досегашно искуство и познавањето на регионот претставуваат дополнителна можност за продолжување и зајакнување на соработката со Македонија и со земјите од Западен Балкан.