Македонија извезла околу 90 илјади тони свеж зеленчук во првата половина од 2026 година, од што се остварени приходи од 56,8 милиони евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Извезените количини се зголемени за 8,6% во споредба со истиот период минатата година, но вредноста на извозот е намалена за 8,4%. Податоците покажуваат дека, и покрај поголемите количини, македонскиот зеленчук годинава на странските пазари се продавал по пониски цени.
Зелката носи повеќе од половина од приходите
Зелката убедливо доминира во извозот на свеж зеленчук. Како што неодамна објави ИзвозМК, Македонија 12-ти најголем извозник на зелка во светот и најголем извозник во регионот.

Анализата на ИзвозМК покажува дека во првите шест месеци од годинава биле извезени околу 63 илјади тони зелка, од кои се остварени приходи од околу 30 милиони евра. Тоа е повеќе од половина од вкупната вредност на извозот на свеж зеленчук.
Доматите се втор најзначаен извозен производ. Во првата половина од годината биле извезени околу 14 илјади тони домати, во вредност од 12,1 милиони евра.
Следуваат пиперките со извоз вреден 2,4 милиони евра, краставиците со 1,7 милиони евра, компирот со 1,56 милиони евра, кромидот со 1,4 милиони евра и печурките со извоз од 1,2 милиони евра.
Србија и Полска најголеми извозни пазар за македонскиот зеленчук
Македонскиот свеж зеленчук во првата половина од 2026 година се продавал на 30 странски пазари. Сепак, само на 12 од нив вредноста на извозот надминала еден милион евра.
Најголем пазар била Србија, каде што биле извезени околу 17.300 тони зеленчук во вредност од 12,9 милиони евра.
На второ место е Полска, со извоз вреден 9,4 милиони евра, а трета е Украина со околу 8 милиони евра.
Меѓу позначајните пазари се и Бугарија, каде што бил извезен зеленчук во вредност од 3,4 милиони евра, Романија со 2,7 милиони евра, Руската Федерација со 2,3 милиони евра и Хрватска со 2,1 милион евра.

Во Германија бил остварен извоз од 1,75 милиони евра, а во Молдавија од 1,6 милиони евра.
Податоците за првите шест месеци покажуваат раст на физичкиот обем на извозот, но истовремено и пад на приходите. Односно, Македонија извезла повеќе свеж зеленчук, но за него наплатила помалку отколку во истиот период минатата година.
Во текот на изминатата 2025 година од Македонија се извезени 118 илјади тони зеленчук во вредност од 94 милиони евра.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
Македонија е 12-ти најголем извозник на зелка во светот и најголем во регионот






















