И покрај притисоците од геополитичките конфликти и повисоките цени на енергијата, германската економија во вториот квартал од годинава пораснала повеќе од првично очекуваното.

Бруто домашниот производ (БДП) на најголемата европска економија се зголемил за 0,3% во однос на претходниот квартал, поттикнат пред сè од подобрите извозни резултати, покажуваат податоците на германскиот Федерален завод за статистика. Првичната проценка предвидуваше раст од 0,2%.

„Импулсот на раст на германската економија од почетокот на оваа година продолжува“, изјави Рут Брант, претседателка на Федералниот завод за статистика. „Како и во првиот квартал, зголемувањето главно се должеше на силните извозни перформанси“, додаде таа.

Со тоа германската економија бележи раст трет квартал по ред. БДП порасна за 0,3% во последниот квартал од 2025 година, по што растот забрза на 0,4% во првите три месеци од 2026 година.

Извозот порасна за 2%

Извозот на стоки и услуги во вториот квартал се зголемил за 2% во споредба со првите три месеци од годината и бил еден од главните двигатели на економскиот раст.

Од друга страна, инвестициите во опрема, вклучувајќи машини, алати и возила, се намалиле за 1,4% во однос на претходниот квартал.

Инвестициите во градежништвото забележале скромен раст од 0,1%. Резултатот е послаб од очекувањата за позначително закрепнување на секторот по слабиот почеток на годината, врз кој влијаеле и неповолните временски услови.

Слаба останала и потрошувачката. Вкупните расходи за потрошувачка се зголемиле за само 0,1%, при што и потрошувачката на домаќинствата и државната потрошувачка забележале раст од по 0,1% во однос на претходниот квартал.

Сигнали за закрепнување по години стагнација

По повеќегодишен период на слаб раст и стагнација, најновите показатели даваат сигнали дека германската економија постепено влегува во фаза на закрепнување.
За првпат по подолг период БДП расте три последователни квартали, а растот во периодот јануари-март е ревидиран нагоре, на 0,4%.

Покрај извозот, поддршка за економската активност даваат и повисоките државни расходи за инфраструктура и одбрана. Владата на канцеларот Фридрих Мерц најави и даночни, пензиски и административни реформи со кои настојува да ги подобри условите за инвестирање и да го поттикне долгорочниот економски раст.

Сепак, ризиците за германската економија остануваат значителни. Геополитичките конфликти и повисоките цени на енергијата можат да создадат дополнителен притисок врз компаниите и потрошувачите.

Дополнителен проблем претставуваат и ниските нивоа на водата во Рајна, една од најважните транспортни артерии за германската индустрија. Ограничувањата во речниот транспорт можат да ги зголемат логистичките трошоци и да влијаат врз снабдувањето на индустриските компании.

И покрај овие ризици, три последователни квартали на раст и подобрите извозни резултати се позитивен сигнал за економија која во изминатите години се соочуваше со слаб индустриски раст, високи трошоци за енергија и намалена инвестициска активност.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Кризата во германската автомобилска индустрија го намали уделот на Германија во македонскиот извоз од 48,6% на 36,2%
Европската комисија ја преполови прогнозата за раст за Германија