Според проекциите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Индија се очекува во 2027 година да стане четврта најголема економија во светот, надминувајќи ја Јапонија, која ќе падне на шестото место – зад Велика Британија.
Ова се наведува во извештајот на ММФ објавен во четвртокот, во кој детално се прикажани различните развојни патеки на овие две азиски економии.

Според податоците објавени од ММФ по неговиот најнов извештај за изгледите на светската економија, се очекува Јапонија оваа година да ја задржи позицијата на земја со четврти најголем номинален бруто-домашен производ (БДП) во светот, веднаш зад САД, Кина и Германија. По Јапонија следуваат Велика Британија, Индија и Франција.

Сепак, во 2027 година се очекува значителна промена. Според прогнозите на ММФ, Индија ќе стане четврта најголема економија во светот, со БДП што ќе достигне 4.520 милијарди долари.

Зад Индија ќе се најдат Велика Британија (4.490 милијарди долари) и Јапонија (4.470 милијарди долари), која ќе падне на шестото место. Франција ќе остане седма најголема економија во светот (3,65 трилиони долари).

На прес-конференција во Бангкок, одржана во четвртокот на маргините на годишните состаноци на ММФ, претставници на Фондот ја истакнаа исклучителната сила на индиската економија. Како резултат на тоа, ММФ значително ја зголеми прогнозата за растот на Индија (за 0,6 процентни поени) и сега очекува економијата да порасне за 7% во 2027 година, поттикната од силната домашна побарувачка и стабилниот сектор на услуги.

Генерално, економиите во развој остануваат главниот двигател на економскиот раст во Азија, иако се очекува нивната кумулативна стапка на раст годинава да забави на 5,1 отсто, од 5,6 отсто минатата година, поради растот на цените на енергенсите.

За разлика од нив, во случајот со Јапонија, ММФ предвидува економски раст од само 0,7% оваа година, а сличен раст се очекува и во 2027 година.

Јапонскиот архипелаг, кој долго време беше загрозен од дефлација, од пролетта 2022 година се соочува со постојан раст на потрошувачките цени. Овој тренд годинава дополнително се влоши поради зголемувањето на цените на јаглеводородите и падот на јенот, кој во однос на доларот достигна најниско ниво во последните 40 години, што го поскапува увозот.

Растот на каматните стапки и стареењето на населението се исто така фактори што влијаат врз јапонската економија.

Македонија има мала трговска размена со Индија

И покрај огромниот економски потенцијал на Индија, трговската соработка со Македонија засега останува на релативно ниско ниво, особено кога станува збор за македонскиот извоз. Според податоците од Државниот завод за статистика, трговската размена помеѓу двете земји минатата 2025 година изнесувала близу 133 милиони долари. Извозот од Македонија лани изнесувал само 6,8 милиони долари, додека од Индија биле увезени стоки вредни 126 милиони долари.


Во споредба со претходната година, извозот на стоки во Индија во 2025 година се зголемил за 51%, но во споредба со 2021 година извозот е помал за 20%.
Увозот, пак, на стоки од Индија бележи постојан раст во последните пет години. Во 2025 година вредноста на увозот на стоки од Индија била за 25% зголемена на годишно ниво, додека во споредба со пред пет години, увозот бил поголем за 86%.
За македонските компании, Индија може да претставува перспективен пазар, особено во сегменти каде што домашните производители имаат конкурентни производи, специјализирано знаење или можност да понудат производи со повисока додадена вредност.

Потенцијални можности постојат во индустриските компоненти и машинската опрема, хемиските производи, специјализираните материјали, одредени прехранбени производи, виното и пијалаците, како и во информатичките и инженерските услуги.

Сепак, Индија не е едноставен пазар за влез. Високата конкуренција, сложените регулаторни процедури, царинските давачки, различните стандарди и големите регионални разлики бараат внимателна подготовка и долгорочна деловна стратегија.
Со оглед на големината на индиската економија, високата конкуренција и сложените услови за влез, неопходна е поактивна и координирана поддршка од државните институции. За малите и средните компании, влезот на далечен и голем пазар како Индија подразбира значителни почетни трошоци и деловни ризици.
Затоа, за да се зголеми македонскиот извоз во Индија, државата мора да има поголема улога преку економска дипломатија, финансиска поддршка за извозниците, организирано отворање на пазарот и поврзување на македонските компании со индиски партнери, преку трговски мисии и директни средби меѓу македонските производители и потенцијалните индиски увозници и дистрибутери.
Наместо компаниите самостојно да го истражуваат огромниот индиски пазар, државата би можела да обезбеди детални пазарни анализи, информации за царинските давачки, техничките стандарди, сертификацијата, увозните процедури и побарувачката за конкретни производи.
Дополнително, би било корисно да се организира национално претставување на македонските компании на специјализирани меѓународни саеми во Индија, со финансиска и организациска поддршка од државата.

Зошто Индија е атрактивен пазар за македонските компании?

Проекциите на ММФ само ја потврдуваат позицијата на Индија како една од најдинамичните големи економии во светот и сè поважен центар на глобалната трговија, инвестициите и индустриското производство.
Со население од над 1,4 милијарди жители, брз економски раст, зголемена куповна моќ и забрзана модернизација на инфраструктурата, земјата претставува огромен пазар со значителен потенцијал за странските компании.
Една од најголемите предности на Индија е нејзиниот огромен домашен пазар. За разлика од економиите чиј раст во голема мера зависи од извозот, индиската економија има силна поддршка од домашната потрошувачка. Растот на приходите, урбанизацијата и проширувањето на средната класа создаваат сè поголема побарувачка за квалитетни производи, современа технологија, машини, опрема и услуги.

Дополнителна предност е релативно младата работна сила, која на Индија ѝ обезбедува значителен долгорочен потенцијал за економски развој. Истовремено, земјата инвестира во транспортна и логистичка инфраструктура, индустриски капацитети, дигитализација и модернизација на производството.

Владините иницијативи за поттикнување на домашното производство, меѓу кои и програмата „Make in India“, имаат цел да ја зајакнат индустриската конкурентност и да привлечат странски инвестиции. Овие процеси отвораат можности и за меѓународните добавувачи на индустриски компоненти, суровини, машини и специјализирани технологии.

Особено значаен е развојот на фармацевтската, автомобилската, хемиската, електронската и прехранбената индустрија, како и растечката побарувачка за енергетски и инфраструктурни решенија.

Сепак, големината на индискиот пазар не значи автоматски и лесен пристап за македонските производи. За успешен настап неопходни се детално истражување на побарувачката, изнаоѓање на сигурни локални партнери, усогласување со техничките и регулаторните барања и конкурентна ценовна политика.
Посебно внимание треба да се посвети на изборот на конкретни индиски региони и индустриски центри, бидејќи Индија претставува исклучително разновиден пазар со многу големи разлики во потрошувачката, куповната моќ и деловните практики.

Затоа, предизвикот за компаниите, но и државата во следниот период треба да биде како растечката економска моќ на Индија да се претвори во конкретни можности за зголемување на извозот, воспоставување нови деловни партнерства и диверзификација на извозните пазари.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:


Индија го предводи глобалниот раст: Најбрзо растечката економија меѓу сите земји од Г20

Големата експанзија на Индија ќе биде клучен двигател на глобалниот економски раст