Македонија е 26-ти најголем извозник на свежо трпезно грозје во светот, со остварен извоз во вредност од 20 милиони долари во 2025 година, покажуваат податоците на World’s Top Exports.

Во регионот, Македонија е втор најголем извозник на трпезно грозје, веднаш зад Грција, која минатата година остварила извоз во вредност од близу 80 милиони долари. Интересна е споредбата со Молдавија, која со територија со територија која е за една третина поголема од Македонија и со 2,4 милиони жители, лани реализирала речиси три пати поголем извоз на трпезно грозје, во вредност од 56 милиони долари.

Извозот расте и по вредност и по количина

Според анализата на ИзвозМК на податоците од Државниот завод за статистика, во 2025 година од Македонија биле извезени близу 23 илјади тони трпезно грозје. Вредноста на извозот на свежо грозје во 2025 година забележала годишен раст од 24%, додека извезените количини се зголемиле за 20% во споредба со претходната година.

Уште поизразен е растот во споредба со 2022 година. За три години, вредноста на извозот на македонско трпезно грозје се зголемила за дури 86%, додека извезените количини пораснале за 12%.

Овие податоци покажуваат дека растот на извозните приходи е значително поголем од растот на извезените количини, што упатува на зголемување на просечната извозна вредност по килограм.


Кои се најголеми извозни пазари за македонското грозје?

Србија е најголем извозен пазар за македонското трпезно грозје. Во 2025 година на српскиот пазар биле пласирани околу 8.500 тони грозје, во вредност од 8,4 милиони долари.

Полска е втор најголем извозен пазар, со извезени 2.700 тони свежо грозје, во вредност од 2,9 милиони долари.
Меѓу позначајните извозни дестинации се и Босна и Херцеговина, со извоз од 1,6 милиони долари, Црна Гора со 1 милион долари и Хрватска со извоз во вредност од 980 илјади евра.


Грозјето е втор најзначаен извозен овошен производ

Свежото трпезно грозје е втор најизвезуван овошен производ од Македонија, веднаш по јаболката, чиј извоз во 2025 година изнесуваше 24 милиони долари.

Растот на извозот на грозје, особено по вредност, ја потврдува неговата значајна улога во македонскиот земјоделски извоз и присуството на домашните производители на странските пазари.

Во 2025 година во Македонија биле произведени 239 илјади тони грозје. Производството на овошје во 2025 бележи намалување и тоа кај сите главни култури, освен кај грозјето, коај кое лани имало зголемување од 16,2%.

ИзвозМК неодамна направи интервју со Иван Шуклев, директор на “Витториа Фруит”, која е меѓу најголемите производители и извозници на трпезно грозје од земјава, со цел да стане меѓу топ 5 најголемите производители на трпезно грозје во Европа. Подолу можете да прочитате за потенцијалите, трендовите, предизвиците во производството и трпезно грозје од земјава.

Извор: Анализа на ИзвозМК врз основа на податоци од Државниот завод за статистика и World’s Top Exports.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Иван Шуклев: Интерес за македонското овошје и зеленчук постои, но потребен е поинаков пристап за да го произведеме она што европските пазари го бараат

Fruit Attraction 2026: Македонските производители на овошје и зеленчук здружено пред глобалниот пазар

“Макфреш” ја гради новата приказна за македонското овошје и зеленчук: Заедно до нови пазари и поголем извоз

Македонските винарници извезле вино вредно 33 милиони евра во првата половина годинава

Лани се извезле помалку јаболка, но по цени највисоки во последната деценија