Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Р.С. Македонија соочена со предизвикот на COVID 19 и неможноста за одржување на настани за промоција на извозот, во услови кога меѓународните саемски претставувања на македонските компании се откажани, изнајде начин за дигитално претставување на извозните потенцијали на компаниите.
За таа цел активно работеше на развивање на нов веб портал www.export.investnorthmacedonia.gov.mk кој e наменет за промоција на македонскиот извоз и нуди низа функционалности преку кои македонските компании ќе можат да ги презентираат своите производи и услуги и да остваруваат деловни контакти со потенцијални странски купувачи. Според информациите од Агенцијата, новиот веб портал ќе стане активен следната недела, од кога компаниите ќе може да имаат пристап за да креираат профил и до сите информации.
Постапката за регистрирање на компанија е доста едноставна и истата се врши во еден чекор, со внесување на основни податоци за компанијата. Со добивање на потврда дека е направена успешна регистрација, се нуди можност за надоградба на профилот и внесување на дополнителни податоци за компанијата, производите што се нудат, количините, рокот на испорака, внесување на понуди и побарувачки, прикачување на видео материјали, слики и др.
Дата базата на извозниот портал преставува еден вид на “online market place” и е наменета за производители од различни индустрии, увозници и добавувачи. Истиот ги опфаќа компаниите од следните индустрии: дрвна индустрија и мебел, автомобилска индустрија, градежништво, свежа храна, преработки од храна, винска индустрија, електро метална индустрија, информатичко технолошка индустрија и др.
Регистрираните корисници ќе имаат пристап до целосната база на регистрирани извозници или потенцијални извозници на порталот. Исто така, сите регистрирани компании ќе имаат пристап да ја гледаат целата база на активни Понуди од сите останати регистрирани компании, како и сите активни Побарувачки креирани и објавени од страна на странските компании-потенцијални купувачи.
Од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот се надеваат на голем одзив и интерес за регистрација од страна на домашните компании и креирање на што поголем број на профили на компании од Р.С. Македонија, како би можеле поуспешно истиот да го промовираат надвор од земјата.
Агенцијата има во план веб порталот за извоз да го промовира пред странските купувачи преку учествата на интернационални саеми, Б2Б средби, конференции, настани, понатаму преку соработката која ја имаме со комори и асоцијации од други земји, како и преку различни онлајн платформи, кои во овој период се сé повеќе актуелни.
Со реализација на планираното, очекувањата на Агенцијата се дека овој портал за извоз значително ќе допринесе кон олеснување на воспоставувањето на контактите со странските купувачи, нивно меѓусебно вмрежување и остварување на продажба, а истовремено и ќе ги намали трошоците кои реално се прават доколку продажбата на производите и услугите не се одвива преку интернет продажба.
Исто така, во Агенцијата во тек е изработка на три нови портали во рамките на новата веб страница на Агенцијата, а кои ќе се промовираат и надградуваат со цел да помогнат во процесот на соочување со предизвиците на домашните компании и загубата која тие ја трпат во овој период преку он – лине промоција и дигитални платформи. Станува збор за следниве портали: портал за браунфилд проекти, портал за промоција на локални добавувачи и портал финансиска поддршка.