Во второто тромесечие годинава преку товарниот патен транспорт се превезeни 20,9 милиони тони стоки, што е за 23% повеќе во споредба со вториот квартал од 2020 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Во споредба, пак, со првите три месеци годинава, количините на превезена стока се поголеми за 73%.
Најголем дел од стоките, или 17,6 милиони тони биле стоки превезени преку товарен патен превоз за сопствени потреби, кој е поголем за 26% во споредба со истиот период. Помал дел или 3,3 милиони тони се стоки превезени за трети лица, каде има зголемување од 9,7% во споредба со истиот период лани.
Преку железничкиот транспорт биле превезени 509 илјади тони стоки, што е зголемување за 20,9%, и најголем дел е меѓународен транспорт.
Најголем раст има кај воздухопловниот товарен транспорт. Податоците покажуваат дека во периодот од април до јуни биле транспортирани 794 илјади тони стоки, што е за 128% повеќе во споредба со вториот квартал минатата година. Во споредба со првото тромесечие годинава, превезените количини на стоки се поголеми за 39,7%.