Американската „ДУРА Аутомотив Системс“ по првата, ќе гради уште две фабрики во Бунарџик

Американската компанија „ДУРА Аутомотив Системс“, која веќе го започна производството во својата прва фабрика и ги стартува работите на изградбата на две нови фабрики во зоната Бунарџик Скопје 2. Компанијата во првата фабрика со најнова технологија веќе произведува компоненти за водечките светски автомобилски компании, додека во втората фабрика ќе произведува алуминиумски рамки за литиумски батерии со голем капацитет за електрични возила, а во третата ќе прави алуминиумски ултра лесни профили за електрични возила.

„Станува збор е една од најмоќните компании во автомобилската индустрија со над 30 фабрики и инженерски центри во 12 земји во светот и со задоволство констатира дека токму Северна Македонија е тринаесеттата земја во која компанијата гради дури три фабрики. Трите фабрики на „ДУРА Аутомотив Системс“ ќе вработуваат околу 1.000 работници, кои ќе работат во најсовремени фабрички системи и ќе се стекнат со обуки и вештини да учествуваат во високо-технолошки процеси. За истакнување е и намерата на компанијата, за поддршка на нејзините фабрики да изгради и Центар за истражување и развој, кој ќе вработи висококвалификувани и искусни инженери, вклучувајќи инженери за компјутерски дизајн, експерти за машини, механички и електроинженери и во кој ќе се врши обука за вработените“, изјави премиерот Оливер Спасовски при посетата на капацитетот на фабриката во придружба на министерот за економија Крешник Бектеши, министерката за странски инвестиции, Зорица Апостолска, директорот на Дирекцијата за трговски и индустриски развојни зони, Александар Младеновски, директорот на компанијата „ДУРА Аутомотив“, Мајк Бекет и амбасадорката на САД во нашата земја, Кејт Мари Брнс.

Во своето обраќање директорот на компанијата „ДУРА Аутомотив“, Мајк Бекет, истакна дека производствените капацитети во нашата земја ќе интегрираат врвна и иновативна технологија.

„Раководниот тим на ДУРА високо ја цени извонредната соработка што ја добивме од Владата на Република Северна Македонија. Нивната силната поддршка му овозможи на нашиот тим за европски операции исклучително брзо да премине кон финализирање на ова стратешко дополнување во нашето работење“, истакна директорот Бекет.

Премиерот Спасовски информираше е дека оваа Влада за две и пол години договори 24 нови странски инвестиции во нашата земја, што е речиси двојно повеќе во споредба со истите периоди од 2013 до 2015 година, и од  2015 до јуни 2017 година, а преку владините економските политики отворени се близу 60 илјади работни места за само девет квартали во изминатите две и пол години.

Министерот за економија, Крешник Бектеши изјави дека поддршката на домашниот бизнис и на странските инвеститори покажува видливи резултати преку сè поголемиот број на странски инвестиции во нашата земја, но и преку зголемувањето на бројот на вработени во индустријата.

„Една од стратешките цели на оваа Влада е развој на економијата, зголемување на продуктивноста, вработувањето и подигнување на животниот стандард на граѓаните. Токму оваа инвестиција на „ДУРА Аутомотив“ е уште еден пример за успешноста на нашите економски политики, бидејќи ова е уште една компанија која ги почувствува бенефитите на Планот за економски раст“, истакна министерот Бектеши.

Американската компанија „Дура аутомотив системс“ со седиште во Мичиген е основана во 1914 година и вработува повеќе од 9.400 лица во 14 земји ширум светот. „Дура аутомотив системс“ дизајнира и произведува иновативни високо интегрирани автомобилски компоненти за водечки производители на возила во Америка, Азија и Европа.