Хрватските деловни банки воведуваат тримесечен мораториум за отплата на кредитите и нема да спроведуваат присилна наплата на долгови за фирмите и граѓаните кои имаат проблеми во отплата на кредитите, соопшти Хрватското здружение за банкарство (ХАБ).
Оваа мерка стапува на сила од април, и како што наведуваат од Здружението, таа важи за сите оние кои нема да подмират три рати или ануитети на своите кредитни обврски.
За време на одложувањето на плаќањето, банките ќе пресметуваат само само редовно договорените камати без дополнителни надоместоци.
Од Здружението потенцираат дека банките совесно и итно ќе ги разгледуваат и одобруваат барањата на клиентите, граѓаните и претприемачите за одложување од најмалку три месеци, чијашто кредитоспособност е сериозно нарушена во тековните околности заради загуба или намалување на постојаните извори на приходи и во корист на претприемачите чиј приход е значително намален во однос на вкупниот приход во претходниот период.
Во Србија, пак, Народната банка на Србија ги направи потребните законски измени и ги задолжи деловните банки во рок од четири дена на должниците да им понудат застој, односно одложување на плаќањето на кредитите (мораториум) заради зачувување на финансиската стабилност во земјата.
Банките и давателите на лизинг треба да ја објават на своите веб-страници понудата за одложување на отплата на долгот на нивните должници, кои, пак, во рок од 10 дена од денот на објавување можат да ја одбијат понудата, а доколку не ја сторат тоа, понудата ќе се смета дека е прифатена на десеттиот ден.
“Ако должникот продолжи да ги намирува своите обврски по објавувањето на понудата, тоа не го спречува да го примени мораториумот за време на вонредна состојба. Ако, на пример, должникот не ја одбие понудата за мораториум во пропишаниот рок, и вратил една рата за заем што треба да се исплати во следниот месец, мораториум се применува и на тој должник доколку не ја плати ратата“, објаснуваат од Народната банка на Србија.
За време на вонредна состојба воведена како резултат на пандемија, српските банки нема да пресметуваат зарезна камата на доспеаните, а неплтаени побарувања.
По престанокот на мораториумот, должникот продолжува да го враќа заемот на кој тој начин што периодот на отплата се продолжува за три месеци.
По воведувањето на кризните мерки за спречување на корона вирусот, многу банки пристапија кон одложување на роковите за отплата на кредитите за компаниите и граѓаните погодени од овие мерки.
Денес и Народната банка на Македонија соопшти дека се направени потребните законски измени со кои банките можат да воведат поволности во отплата на кредитите за фирмите и за граѓаните.