Македонската компанија „Брако“ од Велес денеска ја промовираше првата во Европа еколошко возило за одржување на хигиена во урбани средини под брендот „Грин машинс“ ГМ500Х2 која работи на водород.

Станува збор за нов модел целосно развиен од домашни инженери и експерти и произведен во земјава, кој во светот се извезува  под брендот Грин Машинес, кој што е дел од компанијата Брако.

Иднината на македонската индустрија се произведите со повисока додадена вредност. За да се произведуваат такви извозно ориентирани производи што можат да се продаваат низ целиот свет, потребно е компаниите да поседуваат највисоко нив на технологија и да имаат агресивен маркетинг. Брако веќе 20 години го применува овој принцип, а овиа возила се резултатот на нашето работење”, изјави Кочо Анѓушев, претседател и сопственик на Брако.

Анѓушев потецира дека станува збор за прво еколошко возило за чистење кое испушта само вода, а не издувни гасови како досегашните возила, кои се технологија на иднината.

– Навистина сум горд што денеска можеме да ги промовираме овие возила кои работат на хидрогенски погон, што е гордост за Велес и за инжињерите на Брако. Едниот тип е првото во светот водородно возило на хидрогенски погон за чистење на улици и произведено е во нашите хали и дело на 60-тината инжињери на Брако, чија просечна старост е под 30 години, а тројца се вратија во Македонија од светските универизтети. Две се веќе продадени во Амстердам и Утрехт и веќе ја обавуваат својата функција. Вториот тип на возило е комплетно развиено во оваа фабрика, како дизајнот, така и повеќето делови како компненти се произведени во овие хали. Тоа не е само монтажа. Ова е едно од најмодерните во својата класа и има најсовремени системи на управување, изјави Анѓушев, потенцирајќи дека возилата за чистење на улици на „Брако“ се веќе продадени и ги чистат Вашингтон, Лондон, Белгија, Тајланд, како и најдалечните градови Сиднеј и Буенос Ајрес. Едно возило има купено и Општина Велес.

“Брако” денеска исто така го промовираше и новиот производен погон во кој компанијата во време на пандемијата вложи осум милиони евра во нови машини за производство на еколошките возила под брендот на „Грин Машинс“.

Премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на денешниот настан, посочи дека Брако е навистина успешен пример како од една компанија во стечај, благодареие на добриот менаџмент, постојаните инвестиции во нова технологија и визијата се трансформира во успешна компанија која произведува високо-технолошки производи  со кои компанијата, а и нашата  земја е конкурентна на светско ниво.

“Особено е значајно тоа што целиот развој се одвива тука во Велес, од првичната идеја со конечна реализација и производство. Во време кога фосилните горива стануваат дел од историјата, навистина е гордост едно вакво иновативно еколошко решение е развиено и произведено токму во Северна Македонија”, потенцира Заев.

На денешниот настан во Брако бea присутни и премиерот Зоран Заев,
вицепремиерите за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, како и министрите за економија Крешник Бектеши и за локална самоуправа Горан Милевски.

И покрај предизвиците кои ги наметна пандемијата и сложените услови за работа, производството на Брако не се намали, бројот на вработени се зголеми, а компанијата во овој период инвестираше осум милиони евра во напредна технологија на на CNC управувачки машини, нов погон за комплетно еколошко поцинкување, нова опрема на lean(лин) производство, како и во нова менза за вработените.

Велешката компанија Брако е меѓу технолошки најнапредните компании во земјава, која речиси 95% од производството го извезува на странски пазари, со што е и меѓу најголемите и најуспешните извозници во земјава.