Владата денеска донесе Одлука за намалување на царински стапки за одделни одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко напредни производи.
“По обемни претходни консултации со Советот на странските инвеститори во нашата земја, владата усвои одлука увозните давачки – царинските стапки за одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко напредни производи во 2020 година, да се намалат за 50% со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошки напредни производи”, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Со оваа одлука висината на овие царински давачки ќе се приближи кон царинските стапки што се применуваат во Европската унија, посочуваат од Владата и додаваат дека со тоа ќе се овозможи подобрување на конкурентноста на домашните компании и поголема атрактивност на земјата кон привлекувањето на нови компании со странски капитал од различни стопански сектори.
Компаниите со напредно технолошко производство веќе подолго време бараат намалување на царините за репроматеријалите кои ги користат во производството. За сите производи што излегуваат од погоните на овие фабрики се користат увезени компоненти, коишто не се произведуваат во земјава, а за нив се плаќа царина, која е далеку повисока во споредба со царинските давачки во ЕУ.
На пример, за одредени електромотори, царината во Македонија е 10%, во ЕУ 2,7%. За индуктивни калеми и електрични трансформатори, царината за увоз во Македонија е 15%, во ЕУ 0%. За прекинувачи за напон што надминува 1000 волти, се плаќа царина 13%, во ЕУ царината е 2,7%.
Овие репроматеријали, најчесто компоненти за електроника од Азија, прво се увезуваат некаде во ЕУ и за нив се плаќа европската царина, а потоа на таа сума компаниите во Македонија плаќаат уште 15%. Со тоа финалните производи кои се произведуваат во Македонија и се извезуваат на странските пазари стануваат поскапи и понеконкурентни, бидејќи царината ја зголемува крајната цена на производите.