Владата на денешната 88-ма седница го утврди текстот на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во кој се транспонирани повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот Парламент и на Европскиот Совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции како што се Единствената конвенција за наркотични дроги на Обединетите нации од 1961 година со Протокол за дополнување од 1972; Конвенцијата за психотропни супстанции на Обединетите нации од 1971 година и Конвенција на Обединетите нации против недозволена трговија со опојни дроги и психотропни супстанции од 1988 година.

Една од новините во предложените законски решенија, која произлегува од овие усогласувања, е формирање на Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели која работите од својата надлежност, ги врши врз основа на начелата на законитост, стручност, професионалност, одговорност, ефикасност и транспарентност.

Решенијата содржани во предлогот на законот, покрај тоа што се усогласени со правото на ЕУ и со меѓународните акти, содржат и сопствени национални решенија кои се во функција на регулирање и соодветна практична имплементација на предметниот закон што ќе обезбеди подобра контрола на опојните дроги и психотропните супстанции.

Оттука, со предлог на законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко при тоа почитувајќи ги меѓународните конвенции и европското законодавство што ја регулира материјата, информираат од Владата.

Уште една значајна новина во Предлог-законот за опојни дроги е обврската на компаниите со лиценци за одгледување канабис во медицински цели да уплатуваат средства во висина од 10% од нето добивката остварена во тековната година на соодветна сметка во Буџетот на Република Северна Македонија.

Средствата собрани на оваа посебна сметка ќе бидат наменети за проекти од јавен интерес како што се поддршка на фондот за ретки болести, поддршка на фондот за медиуми, како и на програмските приоритети во спортот, културата, граѓанскиот сектор, како и за поддршка на работата на новопредвидената Агенција.

>> Поврзани вести <<

НЈСК Холдинг е првата македонска компанија која неодамна доби лиценца за извоз на сув цвет од канабис.

Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека од економски аспект, извозот на цвет од канабис за медицински цели ќе значи и нови инвестиции, развој и стимулира отворање нови високоплатени работни места.
“Да бидеме пред останатите во регионот, да ги следиме современите текови и економските преструктуирања, бидејќи одредени индустрии, може и тоа како да ја поттикнат домашната економија и да помогнат.
Во таа смисла, ја поздравувам и поддржувам и работата на работната група за декриминализација на канабисот координирана од Владата и верувам дека низ инклузивен процес ќе се дефинираат најдобрите решенија за користење на медицинските и економските бенефити од билката канабис”, изјави Заев.
Неофицијалните проценки се дека извозот на сув цвет може да носи годишни приходи од околу 100 милиони евра.

Законската дозвола за извоз на сув цвет веќе подолго време ја бараат одгледувачите на канабис за медицински цели, со оглед дека досегашниот Закон дозволуваше извоз само на екстракт, односно масло од канабис. Но, наместо производство на масло, што бара скапа процедура и технологија, најголем дел од компаниите завршија со големи залихи на сув цвет, кои не можеа да го извезуваат.

Инаку со измените и дополнувањата на Законот за контрола на опојни дроги ипсихотропни супстанции во 2016 година, кога практично се легализираше производството на канабис за медицински цели, се уредуваат условите за одгледување на канабис за медицински цели од правни лица кои откако ќе ги исполнат условите по однос на простор, опрема и кадар,добиваат одобрение за одгледување на канабис за медицински цели по претходна добиена согласност од Владата и лиценца од Министерството за здравство. Досега лиценци имаат добиено околу 60 компании.