Во текот на јули македонските компании извезле производи вредни 518 милиони евра, а увезле стоки 716,8 милиони евра, при што покриеноста на увозот со извоз била 72,3 %.
Извозот во јули годинава бележи раст од 5,4% во однос на претходниот месец, но се уште е за 8,1% помал во однос на извозот остварен во јули минатата 2019 година.
Увозот, пак, на месечно ниво е зголемен за 19,9%, додека во споредба со јули 2019 година е помал за 4,2%.
Во првите седум месеци годинава извезени биле производи во вредност на 2,97 милијарди евра, што е за 20,2% или 750 милиони евра помалку во споредба со истиот период лани. Во истиот период се увезени стоки во вредност од околу 4 милијарди евра, што е за 16% или 771 милион евра помалку во споредба со истиот период лани.
Трговскиот дефицит во првите седум месеци годинава достигна 1,09 милијарди евра, и тој е за околу 2% помал во споредба со истиот период лани кога трговскиот дефицит изнесувал 1,1 милијарда евра.
Гледано по сектори, најголем пад од дури 39,6% има кај извозот на нафтени деривати. Голем пад на звозот во првите седум месеци годинава има и во секторите каде што работат странските инвеститори поврзани со европската автомобилска индустрија. Така извозот на хемиски производи бележи пад од 25%, извозот на машини и транспортни уреди бележи пад од 25,3%.
Извозот на пијалоци и тутун бележи пад од 16,4%, додека извозот на храна е помал за 7,2%.
Најголем дел од извозот во првите седум месеци во вредност од 2,2 милијарди евра или 76,3% бил пласиран на пазарите во земјите членки на ЕУ. Но, во првите седум месеци годинава извозот во ЕУ бил за 702 милиони евра или 23,7% помал во споредба со првите седум месеци од 2019 година.
Во земјите на Западен Балкан биле извезени производи во вредност од 344 милиони евра, што е за 18,4% или за 65 милиони евра помалку во споредба со истиот период лани.
Гледано по земји, извозот бележи пад на речиси сите најголеми извозни пазари. Во Италија извозот во првите седум месеци е помал за 28,2%, во Германија има пад од 28,1%, во Косово има пад од 23,4%, во Србија извозот бележи пад од 14%, во Бугарија има пад од 19,4%.
Раст на извозот има на пет пазари, при што најголем пад има кај извозот во Русија од 27,5%, извозот во Кина е поголем за 19,5%, извозот во Холандија е зголемен за 19%, во Хрватска има раст од извозот од 11%, додека извозот во Велика Британија има раст од 7,1%.