Во последните три децении светската автомобилска индустрија минува низ длабока трансформација. Тоа го покажуваат и податоците за производство на автомобили кои покажуваат колку драматично се променил распоредот на најголемите светски производители на автомобили за само 25 години.
Пред 25 години Јапонија, САД и Германија беа трите најголеми производители на автомобили во светот. Кина од земја надвор од светската автомобилска елита, стигна до производство од над 31 милион возила годишно и убедлива лидерска позиција во глобалната автомобилска индустрија. Денес Кина е убедливо на првото место, со производство кое е речиси трипати поголемо од американското и повеќе од шест пати поголемо од германското.
Овие бројки за показател за големото поместување на центарот на автомобилската индустрија од традиционалните индустриски сили кон Азија, предводена од Кина.
Во 2000 година Јапонија беше најголем светски производител со 10,14 милиони возила, пред САД и Германија. Во 2025 година лидерската позиција убедливо ја презема Кина со производство од 31,28 милиони возила, речиси трипати повеќе од второпласираните САД.
Голем исчекор направи и Индија, која со 5,18 милиони возила се искачи на четвртото место. Во исто време, дел од традиционалните автомобилски сили во Европа произведуваат помалку автомобили отколку пред 25 години. Германија од 5,54 милиони возила во 2000 година се намали на 4,66 милиони во 2025 година, додека Франција од 2,35 милиони падна на 2,10 милиони.
Германската автомобилска индустрија, која со децении беше еден од столбовите на германската економија и европскиот индустриски модел. Германските производители денес се соочуваат со двоен предизвик: послаба побарувачка и високи производствени трошоци во Европа, а истовремено и сè посилна конкуренција од кинеските производители.
Кина во последнава декада успеа од голема производствена база да прерасне во еден од главните глобални центри за развој на електрични автомобили, батерии и автомобилски технологии. Кинеските компании повеќе не конкурираат само со пониска цена. Тие забрзано напредуваат кај електричните возила, батериите, софтверот и брзината со која новите модели се развиваат и пласираат на пазарот. Дополнителен предизвик за германските компании е што Кина, која со години беше еден од нивните најважни и најпрофитабилни пазари, истовремено стана дом на нивните најсилни конкуренти.
Затоа, прашањето за европската, а особено за германската автомобилска индустрија, повеќе не е само колку автомобили ќе произведуваат. Клучно ќе биде колку брзо ќе може да се приспособат на електрификацијата, дигитализацијата и новата глобална конкуренција.
Извор на податоците: OICA – International Organization of Motor Vehicle Manufacturers
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Мercedes-Benz со пад од 30% на продажбата на автомобили во Кина
Роботите ќе бидат следниот двигател на производствената и извозна доминација на Кина
Kинеските автомобили ја преплавуваат Европа: Увозот од Кина за прв пат го надмина извозот
Извозот на електрични возила од Кина експлодира – раст од над 111% во април
Кина го уништува последното упориште на германската индустрија























