Словенија планира да го зголеми извозот на 50 милијарди евра до 2025 година, од рекордните 39 милијарди евра продажби во странство остварени во 2018 година.
Oваа цел Словенија планира да ја постигне преку поддршка на извозниците, привлекување на повеќе странски директни инвестиции во производство за извоз и обезбедување стабилно и конкурентно економско опкружување за компаниите кои извезуваат.
Словенија извезува околу 80 % од БДП, односно од вкупното свое производство, при што 80 % од извозот е насочен кон земјите членки на ЕУ, главно Германија, Италија, Хрватска, Австрија и Франција.
Колку за споредба Македонија која според територија и број на жители е иста како Словенија, има годишен извоз од 5,9 милијарди евра, кој е дури седум пати помал од словенечкиот, а учеството на вкупниот извоз во БДП е околу 53%.
Главни извозни производи на Словенија се автомобили, автомобилски делови, фармацевтски производи и апарати за домаќинство. Најголемите 100 извозни компании во Словенија учествуваат со 56 % од вкупниот извоз, додека најголемите 100 извозни македонски компании прават над 80% од вкупниот извоз.
Една од главните причини за успехот на словенечкиот извоз е СИД, извозната и развојна државна банка на Словенија, која со актива од 2,36 милијарди евра е активен поддржувач на словенечките извозници обезбедувајќи им поволни кредити, извозно осигурување и други услуги за зголемување на конкурентноста на извозот. Преку СИД во 2018 година бил осигуран дури 20% од извозот на Словенија.
Колку за споредба, активата на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) на крајот на 2018 година изнесуваше 163 милиони евра, а преку оваа државна банка се осигурува околу 1% од вкупниот извоз.