Во првата половина годинава од Македонија биле извезени 3.400 тони сладолед во вредност од 12,2 милиони евра, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Раст има и кај вредноста на извозот и кај извезените количини. Вредноста на извезениот сладолед во периодот јануари –јуни 2024 година е поголема за 45,1% во споредба со извозот остварен истиот период минатата година. Продадените количини сладолед на странските пазари во првото полугодие годинава бележат раст од 43%.

Сладоледот е еден од ретките производи кај кои Македонија може да се пофали дека е нето извозник, односно повеќе извезува, отколку што увезува.

Така, според податоците од Државниот завод за статистика во првите шест месеци годинава во Македонија биле увезени близу 2 илјади тони сладолед во вредност од 8,1 милион евра, што значи дека во трговијата со сладолед со странство државата имала нето извоз од 4,1 милион евра.


Ако се анализираат податоците за извозот и увозот на сладолед во изминатите години, може да се види дека Македонија во пандемиската 2020 година за прв пат имала поголем извоз ( 11 милиони евра) од увоз на сладолед (8,7 милиони евра). И тоа е така веќе четврта година по ред.

Статистичките податоци покажуваат дека извозот на сладолед бележи континуиран раст во изминатите неколку години.

Извозот на сладолед зголемен два и пол пати за пет години

Така, во 2017 година од Македонија бил извезен сладолед во вредност од 5,6 милиони евра. Секоја година извозот бележи раст за да во 2023 година достигне близу 14 милиони евра, што е раст од 150% или зголемување за два и пол пати  во поседните седум години.

Топ 10 најголеми извозни пазари за македонскиот сладолед

Најголем дел од македонскиот сладолед во првата половина годинава се продавал во Косово, Германија и Велика Британија. Следат Холандија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Грција, Црна Гора и Австрија.


На овие 10 пазари е пласиран 86% од вкупниот извоз на сладолед од Македонија во првата половина годинава.

Најголем извозник на сладолед е домашната компанија Цермат од Битола, а како извозник на сладолед од неодамна се јавува и фабриката на шведската компанија Никс, лоцирана исто така во Битола.