По Божиќните празници ќе почне дијалогот со синдикатите, коморите, граѓанските организации, акадeмската јавност и сите останати учесници, за да се димензионираат наредните пакети за помагање на стопанството и граѓаните, рече денес на прес конференција премиерот Зоран Заев.
Тој рече дека претстојниот празничен викенд е оставен за да се согледаат сите аспекти на здравствената криза, самите бројки, вакцинацијата и слично, а преку тоа и економските последици врз граѓаните и врз стопанството.
„Очекуваме во јануари да се развива целата дебата, а самите мерки да ги донесеме во почетокот на февруари“, истакна Заев.
Заев потенцира дека 2021 ќе биде година на рестарт и заживување на економијата и дека секаде во светот кризите се и можност, а од нас зависи колку ќе ја искористиме.
„Сакам да ве уверам дека Владата долг период работи на создавање услови и претпоставки, како би можеле самиот излез од кризата да го искористиме како неповторлива и уникатна можност за економски квантен скок со единствена цел да се искористат нашите предности и потенцијали. Се она што го имаме како ресурс да се стави во функција на економскиот развој на државата со конечен импакт врз економскиот стандард на граѓаните, тие да ги почувствуваат ваквите економски политики. Затоа како Влада отворивме тема се што постои како ресурс, како потенцијал во државата да го ставиме на располагање“, рече премиерот Заев, најавувајќи голема дебата околу легализацијата на канабисот, со што ќе почне агресивна борба против тешките дроги.