Поранешниот претседател на Европската централна банка Марио Драги го презентираше најновиот Извештај за иднината на конкурентноста на ЕУ во кој тој ја повикува ЕУ да инвестира до 800 милијарди евра годишно за да го направи блокот поконкурентен со Кина и САД.
Долгоочекуваниот Извештај требаше да понуди решенија за намалената конкурентност на ЕУ и економското заостанување зад САД и Кина посочува дека на Европската унија и треба многу покоординирана индустриска политика, побрзи одлуки и масовни инвестиции ако сака да го држи чекорот со економските ривали САД и Кина
Во Извештајот Драги констатира дека се целосно разнишани темелите на кои се потпиралe растот и развојот на европската економија: ЕУ го изгуби најважниот снабдувач со енергија-Русија, а истовремено завршена е ерата на забрзан раст на светската трговија. Исто така, Европа во голема мера ја пропуштила дигиталната револуција предводена од интернетот и придобивките од продуктивноста што ги донела.
ЕУ расте за 30% побавно од САД. Кина е растечка закана, која директно се натпреварува со фирмите од еврозоната во речиси 40% од секторите, од 25% во 2002 година. А растечките геополитички тензии го забавуваат растот на трговијата, што претставува речиси 45% од европскиот БДП.
За да се дигитализира и декарбонизира економијата и да се зголеми одбранбен капацитет, инвестицискиот удел во Европа ќе мора да се зголеми за околу 5 процентни поени од БДП до нивоата последен пат забележани во 1960-тите и 70-тите. Ова е без преседан, односно повеќе од двојно повеќе од дополнителните инвестиции предвидени со Маршаловиот план по Втората светска војна кои изнесуваа околу 1-2% од БДП годишно.
Драги тврди дека ЕУ треба да издаде нови „заеднички должнички инструменти… за финансирање заедничките инвестициски проекти кои ќе ја зголемат конкурентноста и безбедноста на ЕУ“, слично како што било направено во време на пандемијата на Ковид 19. Но, во време кога Германија веднаш одби, а многу ЕУ членки се противат на заедничкото задолжување, друго решение, според Драги, е подобро да се мобилизира приватниот капитал во ЕУ, залагајќи се за напредок на долго закочениот притисок за „унија на пазарите на капитал“ на ЕУ.
Во својот извештај, Драги го повика блокот да ги развие своите напредни технологии, да создаде план за исполнување на климатските цели и да ја зајакне одбраната и безбедноста на критичните суровини, означувајќи ја задачата „егзистенцијален предизвик“.
Во Извештајот исто така се потенцира дека ЕУ страда и од намалување на населението и дека во периодот до 2040 година, бројот на работници ќе се намалува годишно за 2 милиони. Заради тоа, Драги предлага дека ЕУ ќе треба повеќе да се потпре на продуктивноста за поттикнување на економскиот раст.
“Ако Европа не може да стане попродуктивна, ќе бидеме принудени да избереме. Ние нема да може да го финансираме нашиот социјален модел. Ќе мораме да намалиме некои, ако не и сите, наши амбиции. Единствениот начин да се одговори на овој предизвик е да растеме и да станеме попродуктивни, зачувувајќи ги нашите вредности на еднаквост и социјална инклузија. А единствениот начин да станеме попродуктивни е Европа радикално да се промени”, порача Драги.
Три области за акција за поголем раст
Во Извештајот се идентификуваат три главни области за акција за повторно да се зголеми растот.
Прво – и најважно – Европа мора длабоко да ги рефокусира своите колективни напори на затворање на иновацискиот јаз со САД и Кина, особено во напредните технологии.
Европа е заглавена во статична индустриска структура со неколку нови компании кои никнуваат за да ги нарушат постоечките индустрии или да развиваат нови мотори за раст. Всушност, нема компанија од ЕУ со пазарна капитализација над 100 милијарди евра, која е основана од нула во последните педесет години, додека сите шест американски компании со пазарна врендост над 1 трилион евра се создадени во овој период.
“Проблемот не е во тоа што на Европа и недостасуваат идеи или амбиции. Имаме многу талентирани истражувачи и претприемачи кои поднесуваат документи и патенти. Но, иновациите се блокирани во следната фаза: не успеваме да ја претвориме иновацијата во комерцијализација, и иновативните компании кои сакаат да се зголемат во Европа се попречени во секоја фаза од неконзистентни и рестриктивни прописи”, се вели во Извештајот.
Со светот на работ на револуција на вештачката интелигенција, Европа не може да си дозволи да остане заглавена во „ технологии и индустрии“ од претходниот век, потенцирајќи дека ЕУ мора да го отклучи својот иновативен потенцијал.
Втората област за дејствување е заеднички план за декарбонизација и конкурентност.
Ако амбициозните климатски цели на Европа се усогласат со кохерентен план за нивно постигнување, декарбонизацијата ќе биде
можност за Европа. Но, ако не се постигне координираност во политики, постои ризик дека декарбонизацијата ќе го направи токму спротивното, односно ќе ги намали конкурентноста и растот, се вели во Извештајот.
И покрај тоа што цените на енергијата значително паднаа од највисоките нивоа, компаниите од ЕУ сè уште се соочуваат со цените на електричната енергија кои се 2 до 3 пати побисоки од оние во САД. Цените на природниот гас се 4-5 пати повисоки. Овој јаз во цените првенствено е поттикнат од недостатокот на природни ресурси во Европа, но и од основните проблеми со нашиот заеднички енергетски пазар.
На среден рок, декарбонизацијата ќе помогне да се пренасочи производството на електрична енергија кон безбедна и евтина чиста енергија. Но, фосилните горива ќе продолжат да играат централна улога во цените на енергијата барем до крајот на оваа деценија.
Без план за пренос на придобивките од декарбонизацијата на крајните корисници, цените на енергијата ќе продолжат да растат.
Глобалната декарбонизација е можност за раст и за индустријата на ЕУ. Но, иако ЕУ е светски лидер во чисти технологии, сепак, не е гарантирано дека Европа ќе ја искористи оваа можност. Кинеската конкуренција станува акутна во индустриите како чиста технологија и електрични возила, водени од моќна комбинација на масовна индустриска политика и субвенции, брза иновација, контрола на суровините и способност за производство на ниво на целиот континент.
“На четирите најголеми индустрии во ЕУ со интензивни емисии, како што се хемикалиите и металите, ќе им бидат потребни 500 милијарди евра во следните 15 години за да се декарбонизираат, се вели во извештајот на Драги. Згора на тоа, потребите за транспортни инвестиции ќе изнесуваат 100 милијарди евра секоја година помеѓу 2031 и 2050 година”, се вели во Извештајот.
ЕУ се соочува со можен компромис. Зголемената зависност од Кина може да понуди најевтиниот и најефикасен пат за исполнување на нашите цели за декарбонизација. Но, конкуренцијата спонзорирана од Кина, исто така, претставува закана за индустриите за чисти технологии и автомобилска индустрија.
“Декарбонизацијата мора да се случи за доброто на нашата планета. Но, за да стане и извор на раст за Европа, ќе ни треба заеднички план кој опфаќа индустрии кои произведуваат енергија и оние кои овозможуваат декарбонизација, како на пр чиста технологија и автомобили“, се вели во Извештајот.
Третата област за дејствување е зголемување на безбедноста и намалување на зависностите.
Безбедноста е предуслов за одржлив раст. Зголемените геополитички ризици може да ја зголемат неизвесноста и да ги намалат инвестициите, додека големите геополитички шокови или ненадејните прекини во трговијата можат да бидат крајно нарушувачки.
Како што ерата на геополитичката стабилност избледува, се зголемува ризикот зголемената несигурност да стане закана за растот и слободата.
“Европа е особено изложена. Се потпираме на неколку добавувачи за критични суровини, особено Кина, и тоа во услови кога глобалната побарувачка за тие материјали експлодира поради транзицијата на чиста енергија. Ние исто така многу се потпираме на увоз на дигитална технологија”.
Се потенцира дека во ваков амбиент, на ЕУ и треба вистинска „надворешна економска политика“ за да ја задржиме слободата, односно ЕУ ќе треба да ги координира преференцијалните трговски договори и директните инвестиции со земјите богати со ресурси, да собере залихи во одбрани критични области и да создаде индустриски партнерства за да го обезбеди синџирот на снабдување со клучни технологи.
Извештајот доаѓа во период кога европските лидери се повеќе се свесни за губењето на конкурентноста, делумно поради енергетската зависност на Европа и недостатокот на суровини. Во меѓувреме, ЕУ и понатаму е попречена од неможноста на нејзините телекомуникациски и одбранбени индустрии да ги искористат економиите на обем и да бидат подобро подготвени.
Целиот Извештај за иднината на конкурентноста на ЕУ можете да го прочитате ТУКА.
Извор: Европска Комисија