Автор: Неда Поповска-Камнар, Швајцарска програма за зголемување на пазарната вработливост-ИМЕ

Во периодот 2022-2023 година, кога беше забележано забавување на вкупните вработувања на глобално ниво, огласите за работа кои бараат најмалку една зелена вештина просечно се зголемија за 15,2%. Според LinkedIn, најголемата социјална платформа, со над 930 милиони корисници низ светот, во сé повеќе огласи за работа се бара барем една зелена вештина од кандидатите.
Најновиот извештај на платформата, „Global Green Skills Report 2023„ заснован врз анализа во 48 земји, покажува дека учеството на „зелените таленти[1]“ во работната сила е просечно зголеменo за 12,3%, при истовремено двојно зголемување на учеството на огласите за работни места со најмалку една зелена вештина или просечно за 22,4%. Овој јаз помеѓу понудата и побарувачката ќе биде сé повеќе присутен, доколку не се инвестира во обуки и тренинзи на работната сила, напоредно со спроведување на зелените регулативи и насоки.
Актуелизирањето на зелената транзација придружено со амбициозните европски таргети за воспоставување климатски неутрална Европска Унија до 2050 година придонесува претпријатијата сé повеќе да имаат потреба од работници со знаење и вештини коишто се поврзани со одржливоста на животната средина. Така, според анализата, сé поголема предност се дава на кандидатите со “зелени” вештини, што го покажува и податокот на поголем број на работници со зелени вештини коишто се вработиле на ново работно место, од оние коишто немаат зелени вештини.
И покрај тоа што зелената транзиција со забрзано темпо ја наметнува потребата од работна сила со знаење за заштита на животната средина, сепак анализата покажува дека само еден од осум вработени има зелена вештина. Или поинаку поставено, седум од осумте работници немаат ниту една зелена вештина, што е загрижувачки имајќи предвид дека во иднина токму тие треба да ја спроведуваат зелената транзиција во компанијата.

Но, што се “зелени” вештини и „зелени“ работни места? Една од најшироко прифатените дефиниции е дека под „зелени“ вештини спаѓаат знаењето, техничките способности, вредностите и ставовите на работникот, потребни за живеење, развој и поддршка на одржливо и ефикасно искористување и управување со ресурсите во општеството. Такви примери се намалување на користењето на пластиката, управување со отпад на начин што може да се користи како суровина во циркуларна економија или донесување во состојба да не е штетен за околината, ефикасно управување со енергенсите, и сл.
„Зелени“ работни места се вработувања во производство на еколошки добра и услуги или вработувања во еколошките процеси вклучително и оние коишто придонесуваат за одржливоста на животната средина.
Сепак, самото дефинирање и мерење на зелените работни места е нешто ново и претставува предизвик и за најразвиените земји. Така повеќето од нив, се во почетна фаза на следење и оценување на зелените работни места или сè уште не започнале. Оние што започнаа главно користат дефиниции специфични и прилагодени кон условите во земјата.

Зелената транзиција, покрај тоа што постепено го менува начинот на којшто компаниите досега функционираа, истовремено влијае и врз поставување на нови текови на пазарот на работна сила.. Така, околу 70% од работодавачите во 41 земја низ светот моментално вработуваат или активно планираат да регрутираат работници со зелени вештини. Овде спаѓаат и работодавачите од Германија, Швајцарија, Италија и Австрија, земјите коишто се најактуелни помеѓу работниците од Западен Балкан. Најголема потреба за регрутирање на работници со зелени вештини е во секторот за енергија и комунални услуги (81%), кадешто има и највисок глобален раст на производство на обновлива енергија. Голема е потребата и во секторите за информатичка технологија, финансискиот сектор, секторот за индустриски производи и материјали, како и во транспортот, е нагласено во најновиот извештај “People-First Green Business Transformation”, на ManpowerGroup Global Insights што го анализира влијанието на зелената транзиција преку анкета спроведена помеѓу 39,000 работодавачи во 41 земја.
За работодавачите најголеми предизвици се наоѓање на квалификувани работници (44%), создавање релевантни програми за надградба (39%) и идентификување на применливи постоечки вештини (36%). Со оглед на тоа што многу земји-партнери во ЕУ имаат недостиг во вештини потребни за „зеленување“ на нивните економии, постои голем потенцијал за создавање на нови работни места и надградување на постоечките. Според Светскиот Економски Форум, во последните четири години, стапката на раст на зелените работни места, ја надминува стапката на раст на вкупните вработувања.

Очекувањата се дека зелената транзиција во наредниот период ќе го трансформира пазарот на работната сила. Зелените работни места ќе бидат мостот помеѓу зелениот економски раст и вработувањатa. Според Меѓународната агенција за енергетика до 2030 година се очекува зелената транзиција да креира 30 милиони нови работни места низ светот, при што за повеќето од нив ќе се потребни нови вештини и тренинзи. Така, на пример, Европската иницијатива за зелено вработување очекува дека со подобрување на превенцијата и управувањето со отпадот во ЕУ ќе се создадат повеќе од 400.000 нови работни места. Исто толку би се создале и во градежниот сектор, доколку соодветно се примени Директивата за енергетска ефикасност.

            Зелената транзиција на нашата земја е во самите почетоци, иако во последно време забележани се позитивни поместувања во оваа насока. Така, во процес е прилагодување на македонските регулативи кон европските, континуирано зголемување на интересот за „зелени кредити“, сé поголема примена на модели за зголемување на енергетската ефикасност, зголемување на свесноста за потребата од намалување на емисијата на стакленичките гасови и слично. „Зелените“ вештини и работни места и покрај тоа што не се официјално регистрирани сепак постојат како интегрирани работни задачи во различни профили во стопанството. Но, засега недостига општо прифатена дефиниција за „зелени“ работни места и „зелени“ вештини во земјава, како и систем за нивно статистичко евидентирање и следење. Ова ќе биде неопходно за да се добијат егзактни податоци за позитивниот ефект на зелената трансформација кај компаниите, наспроти перцепцијата дека е тоа само дополнителен трошок.
Неминовен е фактот дека во наредниот период промените на европскиот пазар на труд ќе се пресликаат и кај нас и постепено сé повеќе компании ќе имаат потреба од работници со зелени вештини, особено во секторите енергетика, обновливи извори на енергија и градежништво, но и сите останати сектори коишто ќе бидат под влијание на климатските промени.


[1] Под „зелен талент“ се класифицира секој член на Линкедин којшто на својот профил има експлицитно додадено дека поседува зелена вештина и/или работи поврзано со некоја зелена вештина.