Минатата 2023 година од земјава биле извезени автомобилски делови (шифра 8708 Делови и прибор за моторни возила) во вредност од 233 милиони евра, што е намалување од 4% во споредба со претходната 2022 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Гледано наназад, извозот на автомобилски делови од Македонија континуирано расте во изминатите десетина години. Станува збор за извоз на производи кои се произведуваат од компаниите со странски капитал, лоцирани главно во зоните, чие производство е целосно наменето за германската и европската автомбилска индустрија.
Во последните пет години извозот на делови е зголемен за 80%, односно за 100 милиони евра во споредба со 2019 година, кога извозот на автомобилски делови изнесувал 130 милиони евра.
Пред 10 години, односно во 2014 година извозот на автомобилски делови од земјава изнесувал само 13 милиони евра, што е зголемување за 18 пати во споредба со извозот во 2023 година.
Но, извозот на производи од Македонија наменети за автомобилската индустрија е многу поголем ако се земе во предвид и извозот на катализатори и прочистувачи на најголемиот извозник Џонсон Мети, кои се водат како извоз на хемиски производи и другите производи кои се евидентираат надор од тарифниот број 8708.

Статистичките податоци покажуваат дека околу 40% од извозот на делови минатата 2023 година или 89,1 милион евра бил насочен кон Германија.

Следи Унгарија каде лани биле извезени делови во вредност од 75 милиони евра, главно за фабриките на германските производители Audi, BMW и Mercedes Benz. Трет најголем извозен пазар лани била Словенија со извоз вреден 16 милиони евра.
Следат Велика Британија со извоз од 9,7 милиони евра, САД со извоз од 7,8 милиони евра и Чешка каде имало извоз од 5,1 милион долари. На листата на извозни пазари за деловите произведени во Македонија се наоѓаат и САД, Мексико, Бразил, Индија, Јужна Африка, но со вредносно помали извози.