Што треба да прават компаниите, а што државата?

Во изминатите неколку години, од пандемијата на Ковид 19 до денес, македонските извозници работат во свет исполнет со постојани турбуленции, економски и политички шокови, кои имаа силно влијание врз редовното работење и им ги зголемија речиси сите трошоци на работење.
Војната во Украина, растечката опасност од трговска војна помеѓу САД, Европа и Кина, забавувањето на европската економија, инфлацијата, зголемувањето на платите, бројните прекини и нарушувања во снабдувањето и транспортот, како и останатите геополитички ризици ги принудија фирмите да направат многу значајни стратешки промени и прилагодувања, да ги разгледаат пристапите кон своите синџири на снабдување, пазарите од кои се снабдуваат со суровини и репрматеријали, целните извозни пазари на кои ги продаваат своите производи, како и направат оптимизација на сите процеси со цел да ги направат поефикасни и поконкурентни.

Главниот фокус на носителите на економските политики, но и на бизнисмените треба да биде како предизвиците кои ги носат новите глобални околности и промени за Македонија и македонските бизниси, почнувајќи од геополитички конфликти, нарушувањата во синџирите на снабдување, прилагодување кон зелена економија, дигиталната трансформација да се претворат во можности и да се искористат за напредок.


Она што ќе биде клучно за успех во извозот и во бизнисот во следниот период е како да се остане конкурентен.

Кога се зборува за конкурентноста на компаниите, таа може да се гледа од два аспект. Првиот е што секоја компанија може и треба да направи за да ја зголеми продуктивноста и конкурентноста. Менаџментот на компанијата е должен да ја направи компанијата што е можно поефикасна, подобро да управува со неа, да го направи системот што е можно поефикасен, со цел да остварува поголеми приходи, но во исто време да биде одржлив.

Сите македонски извозни компании, кои беа анкетирани за потребите на едицијата ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ, потврдија дека во изминативе две-три години се соочиле со нестабилни пазари и редефинирана побарувачка, инфлација, зголемени трошоци за производство и прекини во глобалните синџири на снабдување, кои им предизвикале бројни проблеми и големи доцнења во обезбедување на потребните суровини, доцнења во транспортот на производи, зголемени транспортни трошоци, зголемени трошоци за чување на поголеми залихи на суровини…
Речиси сите го почуствувале забавувањето на европската економија, кој е традиционално најголем извозен пазар за македонската економија, преку намалување на побарувачката за нивните производи.
За да ги надминат предизвиците во нестабилното глобално деловно опкружување се фокусирале на неколку нивоа, и тоа диверзификација на извозните пазари надвор од традиционалните пазари на земјите од ЕУ, развој на приспособени и иновативни бизнис модели и нови производи, поголеми инвестиции во нови технологии, дигитализација, а автоматизација и одржливо работење со цел намалување на трошоците и зголемување на конкурентноста и продуктивноста во работењето.
Како резултат на бројните нарушувања, компаниите биле особено посветени на преиспитување на синџирите на снабдување со цел да ги направат поотпорни на прекини и шокови, на изнаоѓање на нови и повеќе снабдувачи, скратување и локализација на синџирите на снабдување и обезбедување на суровините од поблиски локации, обезбедување на поголеми залихи за да се заштитат од високите скокови во цените на суровините…
Со цел заштеда на енергија и заштита од високите цени на енергенсите, многу од извозните компании пристапија кон долгорочни инвестиции во поставување на фотоволтаични централи и користење на енергија од обновливи извори на енергија.

Што може да направи државата?

Вториот аспект конкурентноста на компаниите и економиите зависи од опкружувањето, од даночната политика и од институционалниот контекст кој наметнува повисоки или помали трошоци за работењето и економијата.
Во овој дел државата има обврска да води политика која ќе биде насочена кон поттикнување на растот на компаниите, а посебно раст на извозот.

За мали економии како Македонија, која се соочува и со изразени негативни демографски трендови, од суштинско значење за постигнување побрз и поголем економски раст е фокусирање на извозот, односно продажба на стоки и услуги надвор од националните граници, како единствен начин за надминување на ограничувачкиот мал домашен пазар и единствена сила која може да ја придвижи напред економијата.
Извозните компании се најдоброто од македонската економија и шампионите на македонската економија кои го предводат и нејзиниот развој. Тие повеќе инвестираат, имаат поголема продуктивност, се поефикасни, исплаќаат повисоки плати и се попрофитабилни. Присуството на светскиот пазар, каде владее силна конкуренција, го принудува секој производител и давател на услуги да инвестира во зголемување на сопствената продуктивност и конкурентност, да биде иновативен, да ги следи современите трендови, да ги исполнува еколошките стандарди, повисоките стандарди за квалитет и постојано да инвестира во сопствениот развој.
Заедно со извозните компании, целокупната економија станува поконкурентна и поразвиена, се зголемуваат приливите на девизи, се подобруваат можностите за вработување и зголемување на платите, како и животниот стандард.

Токму заради големото значење кое извозот го има за националните економии, многу држави се одлучуваат да го поддржуваат и стимулираат извозот и да ја зголемат неговата конкурентност на директен или индиректен начин.
Многу држави користат различни форми за да ги поттикнуваат извозните активности, обезбедувајќи финансиска поддршка за оние кои континуирано инвестираат во производство, во истражување и развој и во зголемување на извозните активности, олеснување на излезот на фирмите на странски пазари, обезбедувајќи им различни заеми со поповолни услови, даночни поволности и ослободувања, извозни стимулации, царински олеснувања, грантови и сл.

Инвестирање во инфраструктура и логистички центри е уште еден домен во кој државата можат сериозно да влијае за зголемување на конкурентноста на извозниците преку намалување на транспортните и логистички трошоци при настап на странски пазари.

Зголемувањето на странските инвестиции е исто така важен аспект кој може да го зголеми извозот, дали преку привлекување на нови инвеститори или зголемување на инвестициите од постојните инвеститори. Трендот на преселување на производството поблиску до целните пазари и скратувањето на синџирите на снабдување е веќе одамна отпочнат, но со конкретни мерки може да се искористи за привлекување на нови производни и извозно приентирани инвестиции.

Но, она што е пресудно за успешното работење на секоја извозна компанија и за зголемување на извозот е на матичниот домашен пазар да има стабилна и предвидлива бизнис клима, ефикасен правосуден систем, помали бирократски процедури, конкурентни трошоци за производство и цена на енергесни, ниски даноци…
Деглобализацијата, стареењето на населението и климатските закани, би можеле да ги намалат производните капацитети, правејќи ја понудата помалку еластична и на тој начин создавајќи „свет со поголема склоност кон инфлација. Од друга страна, брзиот напредок во технологијата, како вештачката интелигенција, не само што може да го ублажи влијанието на горенаведените негативни сили, туку и да го подигне потенцијалот за раст. Но, овие трансформации бараат добро поставени реформи и заедничка работа на бизнисот и државата со цел да се зголеми отпорноста на економиите и да се зголеми нивната конкурентност.

 Економското забавување на Европа и структурната криза во која се наоѓа германската економија треба да послужат како лекција за Македонија дека слабото прилагодување на промените во светската економија, високите трошоци на производство, скапите енергенси и преголемата бирократија можат да ја намалат продуктивноста и конкурентноста на домашната економија и компаниите, да ги намалат извозот и инвестициите, производството и да ја поткопаат индустријата. На крајот, без приходите од компаниите ниту едно општество не може да биде оджливо, ниту да има одржлив здравствен, образовен и социјален систем.

Какви мерки предлагаат извозниците?

За повеќето македонски извозни компании, поддршката од државата може да биде клучна за зајакнување на присуството на глобалните пазари и за зголемување на извозот. Во прилог се некои од мерките кои извозниците сметаат дека ви помогнале во остварување на овие цели:

  • Повеќе договори за слободна трговија, посебно со земји од Блискиот Исток, Африка, Азија;
  • Одложено плаќање на ДДВ за увоз на суровини и добра кои се употребуваат во производство за извоз;
  • Намалување на царини за увоз на суровини и добра кои се употребуваат за производство за извоз;
  • Поддршка и субвенции за саемски настапи и сертификација;
  • Финансиска поддршка за инвестиции во модернизација на производството, нова техологија и истражување и развој;
  • Поголемо осигурување на извозот и кредитни гаранции;
  • Инвестиции во модерни логистички центри и транспортна инфраструктура;
  • Државни иницијативи за промоција на македонските брендови;
  • Пристап до корисни податоци глобалните трендови и пазари.