Кондиторската компанија Европа објави дека првите шест месеци годинава остварила приходи од продажба од 5,94 милиони евра, кои се поголеми за 10% во споредба со приходите од продажба остварени истиот период лани, покажуваат денеска објавените финансиски извештаи на компанијата на Македонската берза.
Над 56% од приходите на Европа во првата половина годинава се остварени од извоз, додека останатиот дел се од продажба на домашниот пазар.
Во првата половина годинава Европа на странските пазари продала производи во вредност од 3,33 милиои евра, кои се поголеми за 11% во споредба со лани.
На домашниот пазар, пак, продажбите се поголеми за 9% и изнесувале 2,6 милиони евра.
Иако компанијата бележи поголеми оперативни расходи во работењето, како и раст на трошоците за суровинни и материјали и за вработените, компанијата успеала да ги намалила останатите трошоци во работењето заради што нето добивката во првата половина годинава е поголема за 64% и изнесувала 771 илјада евра.
Од Компанијата информираат дека долгорочната задолженост е намалена за 71,3%, во однос на истиот период минатата година, додека пак краткорочно задолжување нема. Во однос на планот за вкупната продажба за периодот јануари –јуни, тој е остварен со 122,7%.
Успешни резултати и во време на криза
“Во овие отежнати услови за работа мошне успешно се справуваме со сите предизвици што произлегоа како резултат на ситуацијата со вирусот COVID-19. Некои поголеми откажувања на нарачките од странските партнери немаме, но забележана е зголемена побарувачка на производи во делот на брашнено-кондиторските производи, а намалена е побарувачката на бомбоњери и чоколадни десерти”, велат од компанијата Европа за ИзвозМК.
Препознавајки ги новите барања на пазарот, од компанијата преземале итни чекори и успеале навреме да ги испорачаат нарачките.
“Дополнителен успех во Ковид кризата се и нашите проекти со нови пазари, од регионот на блискиот и среден исток, кои ги започнавме пред кризата меѓутоа не беа откажани и ги финиширавме со потпишување на Договори за количина која е значајна на годишно ниво. Ги сумираме резултатите од првите 6 месеци и горди сме што во услови на глобална пандемија имаме раст на извозот од 11% во споредба со истиот период минатата година”, велат од Европа, потенцирајќи дека на проблемите гледаат како предизвик.
Од Компанијата потенцираат дека уште од првиот ден на пандемијата со Ковид 19 најстрого ги почитуваат препораките и насоките дадени од страна на Владата и Министерството за здравство, а се со цел да се намали ризикот за ширење на вирусот Ковид 19 и да се заштитат вработените.
Најголем проблем со кој компанијата се соочила на почетокот на пандемијата била организација на производството.
“Поради мерките за оправдано одсуство на лица кои имаат деца до 10 години, честите измени на полицискиот час и карантинот, бevme принудени да работиме во помалку смени и со скратено работно време. Воведовме протоколи во работењето во компанијата за да го намалиме ризикот на пренесување на вирусот, правевме ротација на вработените, направивме мерки за одржување физичко растојание помеѓу вработените на работните места, во гардеробите, во мензите…”, објаснуваат од Европа.
По основ на мерките од Владата за чување на деца до 10 год. возраст и хронично болни на дневно ниво Европа бележела отсуства на речиси 70 вработени што претставува речиси 25% од бројот на вработените во компанијата, заради што се соочувале со сериозни проблеми поврзани со организација на производството.
Компанијата исто така се соочила и со проблеми во транспортот, набавката на амбалажата и суровините потребни за производство пред се заради затворањето на границите, заради што се соочувале со доцнење во испораките, но и потреба да изнаоѓаат нови добавувачи.