Какви се прогнозите за кредитирање и што можат извозниците да очекуваат од Стопанска банка АД Скопје ?

Банките се тие кои одблиску го следат пулсот на економијата и проблемите низ кои минуваат компаниите.
Заради тоа, за потребите за подготовка на едицијата Топ 100 Извозници од банките кои се најактивни во кредитната поддршка на компаниите и економијата побаравме да ги споделат нивните согледувања и очекувања, како и поддршката која извозните компании можат од нив да ја очекуваат.

Во продолжение прочитајте ги прогнозите за корпоративното кредитирање на Стопанска банка АД Скопје и што можат да очекуваат извозниците од оваа Банка?

 

Какви се прогнозите и очекувањата во однос на корпоративното кредитирање во следниот период, посебно за поддршката на извозните компании врзано со прогнозите за македонската економија?

Светот поминува низ тешка криза од здравствен аспект со многу сериозни последици по светската економија. Проектираниот пад за оваа година на бруто домашниот производ на големите европски економии, не е забележан децении наназад, што ќе остави големи последици со кои државите и економиите ќе треба да се справуваат во подолг период.
Македонската економија, како мала и отворена е високо зависна од надворешно трговската размена и особено од ефективната побарувачка за нејзините производи на европскиот пазар. Сето ова наметнува сериозни предизвици за справување со новонастанатите околности. Сите економски субјекти треба да бидат подготвени на перманентни прилагодувања за да ги апсорбираат ударите на кризниот бран и да продолжат да се движат напред.
Ова особено се однесува на извозните компании кои се соочуваат со исклучително остра конкуренција и бројни неизвесности на странските пазари.

Меѓутоа, и во такви околности, согласно објавените податоци за првите шест месеци од 2020 година, кредитирањето на корпоративниот сектор продолжува и понатаму.  Вкупните кредити, во јуни, забележаа месечен раст од 1,4%, којшто произлегува од зголеменото кредитирање, како кај населението така и кај компаниите, со малку поизразено учество на корпоративниот сектор. Притоа,  кредитите на корпоративниот сектор, во јуни, бележат месечен и годишен раст од 1,5% и 4,6%, соодветно.

Ова е секако позитивно и дава индиција дека и покрај прогнозите за пад на бруто домашниот производ на македонската економија во 2020 година, корпоративното, кредитирање ќе биде со позитивна стапка на раст.

Секако, до одреден степен, на моменталната состојба во светот може да се гледа како на предизвик, односно прилика да се учествува во постепената замена на доминацијата на економиите од далечниот исток.

Имено, со соодветно прилагодување на нашите извозни компании, тие може да станат дел од значаен тек за снабдување на западноевропските компании кои поради ограничувањата во превозот и достапноста ќе бараат замена за набавките од далечниот исток, поблиску до дома.

 

За какви производи и услуги покажуваат интерес и потреба извозните компании во пост Ковид периодот и што Вие како банка би можеле да понудите?

 

Стопанска банка АД – Скопје е исклучително посветена да излезе во пресрет на барањата, потребите и предизвиците со кои се соочуваат нејзините корпоративни клиенти, вклучително и бројните извозни компании.
Постои цела палета на производи и услуги кои извозните компании ги користат од Банката, почнувајќи од кредитни производи за финансирање на потребите за обртен капитал, како тековен така и траен, инвестициски кредити за обнова, проширување и модернизација на капацитетите, прозиводи и услуги во надворешниот платен промет и секако, поддршката во делот на trade finance, односно различни видови гаранции и акредитиви.
Притоа, комбинацијата на производите и услугите се дизјнира согласно потребите на компанијата кои произлегуваат од нејзиниот бизнис и инвестициски циклус, како и барањата и потребите кои ги имаат при надворешно-трговското работење.
Треба да се нагласи дека еден дел од овие компании кои во првиот бран на кризата се соочија со потешкотии околу континуитетот на прозводството, продажбата и/или наплатата, имаа можност да бидат поддржани преку одложување на обврските за плаѓање спрема Банката, согласно измените во регулативата на Народната банка.

 

Какви производи или мерки би можеле да помогнат да се зголеми и олесни поддршката за извозните компании, посебно во делот на споделување на ризикот за кредитирање и полесен пристап до финансии?

И покрај постојната криза, сепак може да се каже дека пристапот до, како и цената на банкарско финансирање се поволни како никогаш порано.

Се разбира, клучно е компанијата да има бизнис со соодветни перспективи и да биде јасно за нејзиниот менаџмент и за банката од кој паричен тек ќе обезбеди сервисирање на обврските согласно договорената динамика.
Секако, ова е основата на која постојано мораме да се потсетуваме за да се задржиме на суштината кога зборуваме за пристапот до банкарско кредитирање.

Останатото е прашање на соодветно дизајнирање на кредитните производи и другите банкарски услуги, индивидуално за секоја компанија согласно нејзините потреби како и искуството, традицијата и know-how на секоја банка поединечно.