Како полските компании го решаваат проблемот со недостиг на работници?

Недостатокот на работници е еден од најголемите проблеми денеска во Полска. Многу тешко се наоѓаат луѓе за работа дури и за да се надоместат одливите по основ на заминувањето во пензија. Полска е земја која има издадено најголем број на дозволи за престој и работа на странци во ЕУ.
Покрај увозот на работници од странство, полските бизнисмени се повеќе почнуваат да се вртат кон новите технологии и автоматизација и дигитализација на процесите кои можат да обезбедат фабриките да работат со помалку луѓе.

Предизвиците поврзани со недостатокот на работна сила се многу големи во цела Источна и Југоисточна Европа. Брзиот раст, неповолната демографија и последиците од големиот бран на емиграција во 2000-тите, ја симнаа невработеноста на најниско ниво и компаниите се постојано во жестока битка за работници.

Според Евростат, 49% од полските компании од индустријата изјавиле дека недостатокот на работна сила е фактор кој најмногу го ограничува производството. Во Унгарија тој процент е 49%, во Чешка 39%. Во некои сектори како градежништвото притисокот на профитните маржи е толку силен, што помалите компании веќе се принудени да престанат да работат.

Неодамнешното истражување на Полскиот економски институт покажа дека Полска има 42 роботи на секои 10.000 работници. За споредба, Германија има 338 индустриски роботи на секои 10.000 работници, во Унгарија тој број е 84, а во Чешка има 135 роботи на секои 10.000 работници.

„Роботите можат да одиграат огромна и многу важна улога “, вели Пјотр Арак, шеф на Полскиот економски институт. „Ова е иднината на полската индустрија доколку сака во наредните години да ја одржи својата конкурентност“.

Полска е лидер во Европа по издадени дозволи на странци

На крајот на 2022 година бројот на издадени дозволи за престој на странци во Полска достигна рекордни 1,66 милиони, надминувајќи за прв пат 1 милион и зголемувајќи се за една третина во споредба со бројот на дозволи издадени на странци во 2021 година, кој изнесуваше околу 970 илјади.
Тоа е повеќе од која било земја во ЕУ.



Според податоците има 1,36 милиони Украинци со валидни дозволи за престој (што сочинуваат околу 3,5% од населението на Полска). Следните најбројни национални групи со легални дозволи за престој се Белорусите (66.200), Грузијците (18.400), Русите (18.400), Германците (18.000), Индијците (13.800) и Виетнамците (12.500).


Украинците долго време беа најголемата имигрантска група во Полска, а нивниот број се зголеми особено брзо по претходната агресија на Русија во 2014 година, а уште повеќе со војната во Украина која почна во 2022 година.

Сепак, во регион како Полска кој е еден од најетнички хомогените во Европа, имиграцијата е се уште многу спорна тема. Екстремните десничарски политичари се се погласни во ставовите дека секоја влада, која ќе ја вклучува имиграција во своите планови, ќе биде „влада на национално предавство“. Заменик-министерот за развој на Полска беше сменет откако рече дека земјата има потреба од мигранти за да го одржи нејзиниот раст.

Ига Магда, од Институтот за структурни истражувања, верува дека Полска би можела да најде дополнителни 1 милион работници со тоа што ќе им го олесни учеството на младите, на оние лица кои имаат над 50 години и на инвалидизираните лица, па дури и на дел од затворениците чии злосторства биле доволно мали за да можат да работат надвор.

„Стапката на стареење на работната сила во Полска ќе биде најбрза во ЕУ во наредните три или четири децении и со оглед на стапката на опаѓање на понудата на трудот, многу е важно да се погледнат сите потенцијални резервоари на трудот”, вели Магда.

Полска минатата година донесе закон со кој ги ослободува од персонален данок на доход сите млади под 26 години, во обид да го спречи нивното заминување од земјата.

Сепак, на долг рок, автоматизацијата нуди најпрофитабилно решение за работните проблеми во Полска. Не само што тоа ќе ги олесни кусоците на работници, туку ќе помогне да се пренасочи економијата од потпирањето на евтина работна сила кон активности со поголема додадена вредност.

„Очигледно не е можно да се роботизира се. . . Но, Полска сè уште има толку многу простор да ја зголеми продуктивноста што мислам дека со автоматизацијата ќе може да се ослободат стотици илјади луѓе за други работни места “, смета Витолд Орловски, главен економски советник во PwC во Полска. „Тоа може да има огромно влијание врз економијата“.