Кина стана најголем трговски партнер на САД, појавувајќи се како ретка светла точка за американските земјоделци и другите извозници во време кога пандемијата на коронавирус ја ограничи глобалната трговија.
Трговијата меѓу двете држави во април се зголеми на 39,7 милијарди долари, што е раст од 43% во споредба со претходниот месец.
Со тоа Кина ги надмина Мексико и Канада и стана најголем трговски партнер на САД.
Големиот скок во трговијата се смета дека е последица на потпишувањето на трговскиот пакт во јануари во кој Кина се согласи нагло да ги засили набавките на американски земјоделски производи и други стоки.

Трговијата со САД и Кина и понатаму останува под рекордните 61,4 милијарди долари трговска размена во октомври 2018 година, а економскиот исход на пандемијата на коронавирус фрли сомнеж во способноста на Кина да исполни амбициозни цели за набавка утврдени со трговската спогодба.
Сепак, Кина е единствената голема светска економија што може да оствари позитивен раст оваа година, според неодамнешната прогноза на Светската банка.

„Кина изгледа дека може да биде најголемиот двигател на глобалниот раст на БДП во 2020 година и можеби во 2021 година“, вели Крег Ален, претседател на деловниот совет на САД и Кина. „Ние сакаме американските компании да имаат корист од тоа“.

И покрај порастот, Кина досега не е ги исполнила во целост во условите за купување според трговскиот пакт, со кој се обврза да ги зголеми набавките на амррикански стоки и услуги за 200 милијарди долари во следните две години.