Кои сектори имаа најголем пад на трговијата за време на пандемијата со Ковид 19?

Податоците на УНКТАД покажуваат дека глобалната трговија во вториот квартал ќе се намали за дури 27%, додека падот за целата 20202 година ќе биде 20%.

Извештајот на УНКТАД покажува дека економските нарушувања предизвикани од Ковид 19 влијаеле врз некои сектори значително повеќе од другите.

Во првиот квартал на 2020 година, трговијата со текстил и облека падна за скоро 12%, додека трговијата со машини и автомобилски делови за околу 8%.


Наспроти тоа, вредноста на меѓународната трговија во земјоделско-прехранбениот сектор, која досега беше најмалку погодена, порасна за околу 2%.
Прелиминарните податоци за април укажуваат на натамошни опаѓања во повеќето сектори, со многу остра контракција во трговијата со енергија (-40%) и автомобилски производи (-50%).

Значителни намалувања се забележани и кај хемикалиите, машините и прецизните инструменти, со пад над 10%.

Од друга страна, пандемијата на Ковид 19 предизвика значително зголемувањето на побарувачката за медицински производи и опрема, како што се вентилатори, монитори, термометри, санитатори на рацете, заштитни маски и облека.
Меѓународната трговија со такви стоки скоро двојно се зголеми во април 2020 година, кога сите земји се обидуваа да обезбедат медицинска и заштитна опрема.

Податоците за март покажуваат дека кога пандемијата се ширеше во Европа, увозот на медицинска опрема скокна за 21%.
Потоа, во април, кога Ковид 19 се стави под контрола во Кина, кинескиот извоз на медицинска опрема е зголемен за неверојатни 338%, водени пред се од извозот на заштитна опрема.
Податоците за март, пак, за САД покажуваат раст на увозот на медицински производи за скоро 60%, додека извозот се намали за приближно 20%.

„Во принцип, варијансата во секторите“, се вели во извештајот, „е предизвикана од намалувањето на побарувачката и нарушувањата на снабдувачкиот капацитет и глобалните синџири на снабдување заради Ковид 19“.

„Се уште има многу неизвесности околу можноста за закрепнување на економијата во втората половина од годинава“, вели Памела Кока-Хамилтон, директор за меѓународна трговија на УНКТАД.
„Меѓународната трговија веројатно ќе остане под нивото забележано во 2019 година“, додава таа, „но колку, ќе зависи од развојот на пандемијата и видот и обемот на политиките што владите ги усвојуваат како обид да ги рестартираат своите економии“.

Иако забавувањето на трговијата предизвикано од коронавирус не поштеди никој, предвидувањата покажуваат особено брзо влошување кај земјите во развој.
„За земјите во развој, иако намалувањето на извозот е веројатно водено од намалената побарувачка од извозните пазари, падот на увозот може да укаже не само на намалена побарувачка, туку и на движења на девизниот курс, загриженост во врска со долг и недостаток на странска валута“, се вели во извештајот.