Конечно реконструкција на Коридор 8, ќе се гради делницата од Крива Паланка до бугарска граница

0
123

Денеска отпочна реконструкцијата на патниот правец Крива Паланка – Деве Баир, односно до граничниот премин со Република Бугарија, кој е дел од Коридорот 8.
Изградбата на 13 километарската патна делница, чија изградба е поддржана со кредит од ЕБОР и Европската унија ќе ги подобри трговските и економските односи со соседна Бугарија

За финансирање на овој проект ЕБОР одобри кредит од 10 милиони евра, а 2,4 милиони евра се обезбедени од ЕУ во форма на инвестициски грант од Инвестициската програма за Западен Балкан (WBIF).

„Модернизацијата на Коридорот 8 е стратешка определба на нашата земја и поради регионалното поврзување и соработка како еден од најважните аспекти на интеграцијата во Европската Унија. Проектот, вклучувајќи ја и доизградбата на железницата на овој коридор, има цел да го поврзе Црното Море со Јадранското Море. Пошироко, тоа е коридор кој преку Бугарија, Северна Македонија и Албанија ги поврзува Блискиот Исток и Азија со Европската Унија“, нагласи премиерот Спасовски по повод почетокот на градежните работи на делницата во Крива Паланка.

Со воспоставување на овој коридор, рече Спасовски, ќе се развие систем на превоз што ќе придонесе кон зголемување на трговската размена во функција на подобрување на конкурентноста и развојот на економијата и комуникацијата со европските земји.

“Ни претставува задоволство што денес го обележуваме започнувањето на градежните работи. Подобрувањето на поврзаноста и локалната инфраструктура е еден од приоритетите на ЕБОР во регионот и ние остануваме силен партнер во поддршка на овие напори“, изјави Анди Аранитасе, претставник на ЕБОР за Северна Македонија.

“Моментално условите на оваа патна делница се многу лоши, постои максимално ограничување на брзината од 50 километри на часа, има несоодветен одвод, нема соодветни места за застанување на патот и има многу остри кривини. Подобрувањето на патната инфраструктура по должина на Коридорот 8 ќе го подобри квалитетот на превоз на луѓе и стоки и ќе го поттикне економскиот развој и регионалната интеграција”, велат од ЕБОР.
Според министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, реконструкцијата на регионалниот пат од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир е важен проект за подобрување на прекуграничната соработка и развојот на економијата во регионот.

„Овој патен правец е еден од таквите на кои гледаме како значајна алка за извоз на македонските производи. Патниот правец Паланка – Деве Баир е најфреквентен во товарниот сообраќај бидејќи транспортот на стока кон и од соседна Бугарија во најголем дел поминува на овој пат. Затоа, забрзано работиме на изградба на пругата до Бељаковце и очекуваме до крајот на 2020 или почеток на 2021 година таа да биде завршена“, рече министерот Сугарески во своето обраќање.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, нагласи дека изведувачот ГД „Гранит“ ќе има рок од 24 месеци за да го изведе проектот и по проширениот пат ќе се вози најдоцна до почетокот на 2022 година.

ЕБОР досега во нашата земја има инвестирано над 2  милијарди евра во над 128 проекти, од кои дури 85% се наменети за инфраструктурни проекти.