Регионалното здружение „Напредни лозари” од Кавадарци информира дека испратиле дописи до амбасадите во земјава и во соседните земји за поддршка на извоз на македонско грозје.
Како што изјави за претседателот на Здружението, Трајче Кулев, претходно е стапено во контакт со претставници на дипломатските претставништва и е побарана помош за пласманот на годинашниот род.
-Имаме добар квалитет на грозје. Соочени со континуираните проблеми околу продажбата, цената и начинот на плаќање години наназад, решивме да се ангажираме што е можно поголеми количини да заминат во странство. Ова се однесува на земјите со кои имаме бесцаринска зона. Според нашите информации, како последица од климатските промени и невреме, во одделни соседни земји има помал род во лозовите насади. Затоа сакаме да им понудиме наше грозје, кое е надалеку познато како квалитетен производ, нагласи Кулев.
Тој додаде дека само конкуренцијата при откупот може да придонесе за подобар гроздобер оваа година.
Пред неколку дена се одржа и состанок помеѓу Министерство заземјоделство, шумарство и водостопанство, градоначалниците и пратениците од тиквешкиот регион и претставници на лозаропроизводителите на кој еден од заклучоците е Министерството за земјоделие да ги информира македонските амбасади во соседните држави и трети земји за извоз на винско грозје по лански откупни цени.