Македонските извозни компании во октомври на странските пазари продале производи вредни 597 милиони евра, што е за 5,6% повеќе во споредба со истиот месец лани.
Увозот, пак, во октомври изнесувал 763 милиони евра и бил помал за 0,1%.
Но, заради големите падови на извозот во април и мај, извозот во првите десет месеци изнесува 4,6 милијарди евра и се уште е помал за 696 милиони евра или 13% во споредба со истиот период од минатата годинава.
Увозот, пак, во текот на периодот јануари до октомрви годинава изнесувал 6,1 милијарда евра и е помал за 810 милиони евра во споредба со истиот период лани, што е пад од 11,7%.
Најмал пад има кај извозот на храна и метали
Анализирано по сектори, податоците покажуваат дека извозот во периодот јануари октомрви 2020 година во сите сектори е помал во споредба со истиот период лани. Најмал пад има кај извозот на храна (-2,6%), извозот на метали (-3,4%) и тутун и пијалоци од (-6,6%).
Најголем пад од дури 41,5% има кај извозот на нафтени деривати, кое се должи на намалената потрошувачка за време на карантиите, но и на намалената цена на нафтата на светските берзи.
Извозот на компаниите од автомобилската индустрија иако почнува да заздравува, се уште во првите десет месеци е помал во споредба со истиот период лани. Така извозот на хемиски производи, каде влегува пред се извозот на катализаторите на Џонсон Мети е помал за 14,8% во споредба со првите десет месеци од 2019 година.
Извозот на машини и транспортни уреди во првите десет месеци годинава, каде исто така доминира производството на автомобилски делови, е помал за 14,6% во споредба со истиот период од 2019 година.
Годинава на европските пазари за 614 милиони евра помал извоз
Ако се анализира по региони, најголем дел од извозот во првите десет месеци или 77% од вкуониот извоз бил насочен кон земјите од ЕУ, каде се продадени производи вредни 3,6 милијарди евра. Извозот во ЕУ во првите десет месеци бележи пад од 14,6 % или на европските пазари годинава извозени се 614 милиони евра помалку производи.
Увозот од ЕУ во истиот период е намален за 696 милиони евра или за 19,7%.
Во земјите од Западен Балакн во првите десет месеци годинава биле извезени производи во вредност од 517 милиони евра. Тоа е за 97,5 милиони евра помалку или пад од 15,9% во споредба со истиот период лани.
Поголем извоз за 12,5% или за 14 милиони евра годинава имаво Азискиот регион, главно во Кина, каде во првите десет месеци биле извезени производи во вредност од 126 милиони евра.