Договор за нови 100 милиони евра евтини кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) со кои ќе се поддржат најмалку 300 проекти на домашни мали и средни компании, беше потпишан од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими, потпретседателката на ЕИБ Лилјана Павлова и директорот на Развојна банка на Северна Македонија Кире Наумов, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир. Средствата, Развојната банка ќе ги пласира до фирмите преку комерцијалните банки.

словите под кои ќе се даваат кредитите до фирмите се исклучително поволни, со рок на отплата до 12 години и вклучен грејс-период од 2 години, зависно од тоа дали кредитите ќе бидат наменети за инвестиции или зголемување на потребите за обртни средства и по исклучително поволна повластена каматна стапка, која за првите транши би изнесувала до 1,6%.

-Нашата определба како Влада е да продолжиме со фискалниот стимул на стопанството се додека тоа не застане на здрави нозе. Претходните кредитни линии од Европската инвестициска банка, пласирани преку Развојната банка, покажаа навистина добри резулати. Денеска потпишавме исклучително важни договори со Европската инвестициска банка, со кои се обезбедуваат 100 милиони евра поволни средства за малите и средни фирми во Република Северна Македонија, или една значајна ликвидносна поддршка за заздравување од ефектите од Covid-19 пандемијата. За нашата економија, овие средства значат нови вработувања, нови инвестиции, а со тоа и придвижување на економската активност и забрзување на економскиот раст – рече Бесими.

Оваа кредитна линија е дел од поддршката на Европската унија и Европската инвестициска банка за адресирање на ефектите на Ковид-19 пандемијата врз економијата.

Директорот на развојната банка Кире Наумов, појасни дека првично ќе се повлечат 50 милиони за кои веќе е дефинирана каматната стапка од страна на Владата, а за останатите 50 милиони допрва ќе се одлучува со каква каматна стапка ќе бидат понудени.

„Максилмалниот износ за кредитите кои се наменети за инвестиции ќе изнесува до три милиони евра, рок на отплата до 12 години со вклучен грејс период од две години. За ликвидност максималниот износ е 666 илјади евра, рок на отплата три години со вклучен грејс период од шест месеци. Неколку индустрии Европската инвестициска банка ги има класифицирано како жолти зони или на пример не може да користат кредит градежните компании од оваа линија“, изјави Кире Наумов- Директор на Развојна Банка.

„Развојната банка ќе соработува со комерцијалните банки за брзо да ги распредели овие фондови на локалните бизниси кои што ќе имаат корист од поволните услови од страна Европската инвестициска банка. Со ова ќе ги решаваме јазовите со ликвидноста за потребата од краткорочен обртен капитал како и долгорочните инвестиции на бизнисите на патот кон економското закрепнување и раст“, нагласи Лилјана Павлова- Потпретседателка на ЕИБ.

Малите и средните претпријатија се сржта на секоја економија тие обезбедуваат работни места, создаваат додадена вредност и предводат со иновативни решенија, особено кога станува збор за приоритетите на ЕУ, како зелената и дигиталната агенда. Токму затоа Тим Европа, односно Европската унија и земјите членки, како и поврзаните финсиски институции, презема чекори да ги поддржи малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија уште од почетокот на пандемијата. Тие можат да инвестираат и да креираат иновации, така со помошта на ЕУ, тие можат да ја одиграат својата улога во заздравувањето на економијата од здравствената криза – рече Дејвид Гир, амбасадор на Европската унија во земјава.

Директорот на Развојната банка посочи дека соработката со ЕИБ е стратешка и успешна. Во последните 13 години до денес, воспоставени се шест договори со кои 550 милиони евра се ставени во полза на економскиот развој во земјава, со кои се поддржани 2.090 проекти на домашни мали и средни компании и креирани се 8.029 нови работни места.