“Над 62% од компаниите се соочуваат со недостиг на работна сила , а причината 36% од компаниите ја гледаат во заминување на работоспособното население од нашата земја во други држави, 32,88% од компаниите причините ги гледаат во неактивното работоспособно население и неквалитетното и несоодветно образование, додека 13,7% од компаниите потенцираат дека имаат сериозен проблем со преземање на кадар од другите компании во земјата што може да предизвика намалување на продуктивноста на една компанија за сметка на друга компанија”, истакна Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија на денешната пресконференција на која беа презентирани состојбите и потребите за ефикасно обезбедување на стручен кадар за потребите на стопанството.
За детерминирање на актуелните состојби во врска со потребите и потенцијалните вработувања, Стопанската комора на Македонија изработи анализи „ Опис на специфичните вештини потребни за водечките компании“ и „ Анализа на предвидените потребни занимања во клучните седум сектори на квалификации“ спроведени во рамките на Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка во Република Северна Македонија преку кои се обезбедија реални показатели за барањата на стопанството од потребни вештини и компетенции, начинот како компаниите го обезбедуваат потребниот кадар на пазарот на трудот и какви се политиките на бизнис секторот во однос на нови вработувања, преквалификација и доквалификација на постојниот кадар.
Резултатите од спроведеното анкетно истражување, според Јаневска, имаа за цел да претставуваат основа за градење на заеднички ставови во насока за надминување на отворените прашања на бизнис-заедницата на ова поле.
“Прашањето за ефикасно обезбедување адекватен стручен кадар за потребите на стопанството што претставува клучен предизвик со кој се соочуваат носителите на македонската економија е прашање кое со години наназад го детерминираше и за кое алармира Стопанската комора на Македонија, со цел да се изнајдат соодветни мерки и решенија имајќи предвид дека овој предизвик се одразува на продуктивноста на компаниите, квалитетот на производите, на нивните планови за иден развој и вложувања и крајно се рефлектира на вкупната национална економија и нејзината конкурентност во меѓународни рамки”, потенцира Јаневска.
Резултатите од анализите покажуваат дека недостигот на кадар не е карактеристика само во еден плански регион, туку се јавува во сите плански региони за кадар со различен степен на образование и различно ниво на квалификации. Па така компаниите одговориле дека имаат недостаток од општи работници, односно работници за едноставни работи, армирачи, ѕидари, тесари, бравари и заварувачи, котлари, електричари и монтери, оператори за производна линија, оператори за ЦНЦ-машина, оператори за машинско одржување, машински и електротехничари, компјутерски техничари, администратори и одржувачи на бази и техничари програмери, месари и касапи, готвачи, келнери, рецепционери, магационери, хемиски, фармацевтски и медицински техничари, комерцијалисти, машински и електроинженери, архитекти, градежни и инженери програмери, фармацевти, доктори, хемичари и економисти.
Ако на ова се додаде и фактот, истакна Јаневска, дека 61% од компаниите планираат да го зголемуваат својот кадар за следните 12 и 36 месеци, тоа укажува дека Комората треба и веќе делува во две насоки.
Првата насока е реформирање на образовниот систем во интерес на бизнисот за кој многу сме работеле, анализирале, дефинирале предлози и мерки, директно сме биле вклучени во процесите на стручното образование и ќе продолжиме да делуваме во таа насока…
Втората насока е правилно насочување на државната поддршка преку Агенцијата за вработување кон бизнис секторот со мерки и програми согласно укажувањата на Стопанската комора на Македонија.
“Стопанската комора е наш партнер во реализирањето на мерките и политиките на Оперативниот план за вработување, но и во креирање на истите за подобрување и задоволување на стопанството со адекватен кадар”, истакна директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска.
Во Оперативниот план за 2020 година, потенцираше Јовановска, се земени во предвид 90% од побаруваните занимања за кои се изјасниле компаниите дека имаат потреба од таков кадар во анкетното истражување на Стопанската комора на Македонија и конкретно преку мерките (3.2А, 3.2Б и 3.3.) ќе се понудат обуки за стручни квалификации и побарувани занимања според потребите на компаниите.
Според Јаневска, ваквата поддршка е од особено значење за членките на Стопанската комора на Македонија, бидејќи според анализата, 69% од компаниите се подготвени да вложуваат во постојниот и во новиот кадар преку преквалификација и доквалификација само за да обезбедат одржливост на работните процеси во нивните компании.
Извор: Стопанска комора на Македонија