Износот на исплатени штети покриени со неживотни осигурувања порасна за 9,5 отсто во првиот квартал годинава во однос на истиот период лани. Вкупно се исплатени 15 милиони евра за обештетување, а најмногу штети исплатиле „Триглав Осигурување“, „Сава Осигурување“, „Халк Осигурување“, „Уника“ и „Еуролинк“. Најголем раст на исплатени штети,  има кај дополнителното здравствено осигурување – 92 отсто повеќе од првото тромесечје лани

 Граѓани, компании и институции наплатиле 15 милиони евра штети од осигурителните друштва за неживотно осигурување во првите три месеци годинава. Износот на исплатени средства за штети, покриени со осигурителните полиси, во првиот квартал годинава пораснал за 9,5 отсто во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Најголем дел од исплатените штети се однесуваат на покритија од автомобилска одговорност за што 11 компании кои осигуруваат ризици од неживотно осигурување исплатиле 525,6 милиони денари (8,55 милиони евра). Тоа е за 7,6 отсто повеќе исплатени штети од истиот перод 2020 година. Оваа класа осигурување е задолжителна со закон и генерира најголеми приходи за компаниите од продажба на полиси, но и најмногу обврски. Најмногу штети кај оваа класа осигурување во првите три месеци исплатиле: „Уника“ 71,8 милиони денари (1,2 милиони евра), „Триглав Осигурување“ 61,6 милиони денари (1 милиони евра), „Винер“ 59,4 милиони денари (967.000 евра), „Халк Осигурување“ 57,5 милиони денари (934.000 евра) и „Сава Осигурување“ 54,7 милиони денари (890.000 евра).

Вредноста на вкупното обештетување кое компаниите го платиле за штети на осигурен имот за овој период изнесува 99,6 милиони денари (1,62 милиони евра) и тоа е за 14,3 отсто повеќе од првиот квартал лани. Најголемо учество во исплатените средства за обештетување имот има компанијата „АДОР Македонија“ и тоа е 21,7 милиони денари (353.000 евра).  Следуваат „Евроинс“ со 19,1 милиони денари (311.000 евра) и „Сава Осигурување“ со 13,3 милиони денари (216.000 евра).

Во класата осигурувања од незгода за првиот квартал осигурениците наплатиле 129 милиони денари (2,1 милиони евра) што е за 17 отсто повеќе исплатени средства за штети во однос на истиот период лани. Најмногу штети исплатиле: „Еуролинк“ 21,3 милиони денари (347.000 евра), „Триглав Осигурување“ 17,8 милиони денари (289.000 евра) и „Уника“ 15,5 милиони денари (251.000 евра).

Кај најбрзорастечката класа на неживотно осигурување – дополнителното здравствено осигурување во првиот квартал осигурениците од осигурителните друштва добиле 43,8 милиони денари (712.000 евра). Тоа е 92 отсто повеќе од истиот период лани. Лидер по исплатени штети за приватно здравствено осигурување во овој период е „Еуролинк“ со реализација од 16,1 милиони денари (262.000 евра) пред „Халк Осигурување„ со исплатени 8 милиони денари (130.000 евра) и „Триглав Осигурување“ со 10 милиони денари (163.000 евра).

Во вкупно исплатените штети во периодот јануари – март најголемо учество имаат следниве пет компании за осигурување неживот: „Триглав Осигурување“ со 124,5 милиони денари (2 милиони евра), „Сава Осигурување“ со 110,1 милиони денари (1,8 милиони евра), „Халк Осигурување“ со 100,8 милиони денари (1,64 милиони евра), „Уника“ со 100 милиони денари (1,63 милиони евра) и „Еуролинк“ со 95,7 милиони денари (1,55 милиони евра).

Бројот на исплатени штети во периодот јануари – март годинава изнесува 17.530 и е зголемен за 3 отсто во однос на истиот период лани.

Агенцјата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.