Германскиот извоз и увоз се намалени во првите шест месеци од оваа година во однос на истиот период минатата година, објави деенска германскиот завод за статистика Дестатис.
Германскиот извоз е намален за 1,6 % на 801,7 милијарди евра во првата половина од оваа година во споредба со истиот период лани.
Во првите шест месеци, Германија увезла 662,8 милијарди евра, што е за 6,2% помалку отколку во првите шест месеци од 2023 година.
Надворешно-трговскиот биланс на Германија покажа суфицит од 138,8 милијарди евра во првата половина од оваа година, што е за 28,7 % повеќе од 107,9 милијарди евра една година претходно.
Најважни извозни производи на Германија беа моторните возила и деловите за моторни возила, со извоз од 135,3 милијарди евра. Во однос на првата половина од минатата година, извозот на возила е намален за 2,4%.
Машините се на второ место со вредност од 109,6 милијарди евра, што е за 4,4% помалку од претходната година.
Најважни увозни производи во Германија се моторните возила и деловите за возила со 73,0 милијарди евра, што е пад од 4,2% во однос на ланските шест месеци и опремата за обработка на податоци со 64,3 милијарди евра (-9,8 %).
САД се најважниот купувач на германски стоки во првата половина од оваа година. Од Германија во САД е извезена стока во вредност од 80,7 милијарди евра. Вториот и третиот најважен извозен пазар се Франција (62,4 милијарди евра) и Холандија (57,6 милијарди евра).
Најмногу увезена стока дошла во Германија во првата половина од годинава од Кина, во вредност од 73,5 милијарди евра. На второто и третото место се најдоа Холандија (49,6 милијарди евра) и САД (46,0 милијарди евра).