Институтот за економско истражување и политики Finance Think денеска ги претстави резултатите од истражувањето „Потенцијалот на извозно-ориентираните компании да придонесат за економско закрепнување по КОВИД-19 во Северна Македонија“ во рамки на кое се дефинирани пет обасти во кои треба да се делува за да се зголеми потенцијалот на извозните компании да бидат двигатели на пост-Ковид економското заздравување.

Вo Извештајот се констатира дека пандемијата го наруши континуираниот раст на извозот во Северна Македонија создавајќи големи предизвици за извозниците и креаторите на политиките да ја ревитализираат економијата во наредниот период.
“Извозниците имаат значајно успорување во нивниот раст на приходите, профитите, инвестициите, капиталот, вработеноста и платите. Секторската анализа покажува дека производителите на автомобилски делови, компјутерска и електронска опрема страдаа повеќе во споредба со останатите сектори. Извозниците со ограничен пристап до финансии, увозна изложеност кон ЕУ, висока трудо-интензивност, извозна изложеност надвор од ЕУ и пониска конкурентност беа поранливи на пандемиските шокови, преставувајќи ги главните ограничувања со кои се соочуваат во фазата на закрепнување”, се посочува во Истражувањето.

И покрај значајните ограничувања, извозниците имаат потенцијал да бидат двигател на растот:

  • имаат потенцијал за инвестиции во технологија, пораст на производство, реадаптација и поддршка на дуалниот процес на образование.
    • 4% од извозниците имаат капацитет и можност да се радаптираат, додека дополнителни 19,7% имаат можност, но се соочуваат со ограничувања кај кои доминираат ограничените човечки ресурси;
    • Над 65% планираат да го унапредат технолошкото ниво;
    • Доминантен дел од извозниците (46%) имаат капацитет да учествуваат во процесот на дуално образование, додека дополнителни 14,5% би учествувале доколку имаат соодветно стручно училиште
  • со стимулативни мерки имаат потенцијал значајно да го интензивираат производството, инвестициите, конкурентноста
  • oграничен потенцијал за воведување (нови) производни линии, но со воведување мерки, може да се зголеми атрактивноста на земјата за привлекување странски директни инвестиции.

Врз база на идентификуваните ограничувања и потенцијали, од Finance Think дефинирале потенцијални интервенции во пет полиња.
Прво, нарушувањата во синџирот на набавки ја загрозуваат конкурентноста на извозниците преку зголемување на производните трошоци. Намалувањето/ослободувањето од увозни давачки за активности поврзани со набавки на машини и опрема и изградба на нови капацитети, и усогласувањето на увозните тарифи на клучните компоненти според ЕУ носи значајни бенефити во поглед на зголемување на нивните инвестиции, производство и конкурентност и ја зголемува атрактивноста на земјата за привлекување странски инвестиции.

Второ, извозниците имаат потенцијал да ги амортизираат шоковите на побарувачката преку реадаптација на нивните процеси и експанзија на нови пазари. Сувенционирањето на експанзијата на нови пазари и употребата на економска дипломатија би го зголемило искористувањето на овие потенцијали.
Трето, недостатокот на квалификувана работна сила е важна пречка во периодот на економско закрепнување. Краткорочно решение би било субвенционирање на тренинг и едукација на вработените, додека на долг рок, развојот на соодветен модел на дуално образование би обезбедило одржливо креирање на човечки капитал.

Четврто
, КОВИД-19 кризата ја истакна важноста на подготвеноста на домашните производители да го заменат нарушениот увоз на извозниците. Додека потенцијалот е ограничен, стимулациски пакет фокусиран кон добавувачите вклучувајќи комбинација на финансиски стимул и програма за менторство за подигнување на технолошкото ниво, треба да обезбеди мотив кај домашните добавувачи да се приклучат во синџирот на набавки на извозниците.

Петто, ограничениот пристап до финансии и ниското ниво на технолошки развој ги зголемуваат негативните шокови на КОВИД-19 и го успоруваат економското закрепнување. Воведувањето и екпанзијата на долгорочни кредити по поволни услови (вклучувајќи и грантови) треба да ги релаксираат ограничувањата во ликвидноста и да стимулираат автоматизација во пост-КОВИД-19 периодот.

Студијата е во рамки на проектот “Оценка на потенцијалот на извозно-ориентираните компании да придонесат кон заздравување на економијата по КОВИД-19 кризата”  кој е во соработка со Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, а поддржан од страна на Амбасадата на Обединетото Кралство.