Четвртиот најголем производител на автомобили во светот Stellantis очекува глобалниот недостаток на полупроводници и чипови да го намали производството во вториот квартал и предупреди дека нарушувањето на автомобилската индустрија може да трае и во 2022 година.
Производителите на автомобили ширум светот беа принудени да го намалат производството поради недостаток на витални чипови што се користат во сè, од компјутерско управување со мотори до системи за помош на возачот, што ги спречи нивните обиди да се опорават од пандемијата предизвикана од Ковид 19.
„Очекуваме дека недостигот ќе се подобри во втората половина од годинава, но мислам дека би било наивно да се очекува да исчезне“, изјави финансискиот директор на Stellantis, Ричард Палмер на прес конференцијата со новинарите.
„Можно е проблемот да се продолжи и во 2022 година“, додаде тој.
Четвртиот најголем производител на автомобили во светот, формиран на почетокот на годината од спојувањето на италијанско-американскиот Фиат Крајслер и француската ПСА, забележа раст од 14% на приходите во првиот квартал благодарение на силната побарувачка на потрошувачите и продажбата на своите попрофитабилни возила.
Недостатокот на чипови го намали за околу 11% планираното производство на Stellantis во првиот квартал.
И производителот на автомобили Ford Motor минатата недела предупреди дека недостатокот на чипови може да го намали за половина производството во вториот квартал.
Извор: Reuters