Развојна банка на Северна Македонија започна со одобрување на барања за третата бескаматна кредитна линија со грант компонента што се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија (ЕУ), преку активноста „ЕУзаОтпорност“ од ИПА програмата.
Oд банката информираат дека се одобрени вкупно 5,9 милиони евра во првата група кредитни барања кои ги исполнуваат условите од јавниот повик или кредитни барања на 506 компании со вкупно 3.552 вработени.
Според структурата на овие кредитни барања, 275 кредитни барања доаѓаат од мали компании, 222 барања се потпишани од микро компании и девет кредитни барања се од трговци-поединци, се вели во соопштението од Развојната банка.
Најголем дел од компаниите во првата група доаѓаат од Скопскиот регион и тоа 37 отсто, а по него следи Полошкиот регион со 17 и југоисточниот регион со 14 отсто. Од југозападниот, од источниот и од Пелагонискиот регион доаѓаат 7 до 8 отсто од одобрените кредитни барања во првата група, додека од Вардарскиот и Североисточниот регион доаѓаат 5 отсто од одобрените кредитни барања, објаснуваат од Развојната банка, од каде прецизираат дека кредитните барања се обработуваат хронолошки, како што се пристигнати, согласно Јавниот повик и информациите наведени во него.
“Одобрувањето на кредитните барања ќе се врши во групи, сè до исцрпување на расположливите средства од Фондот за микро и мали претпријатија. Во следните денови, службите на банката ќе ги контактираат компаниите чии кредитни барања се одобрени за склучување на договор”, потенцираат од Развојната банка.