Русија воведе забрана за извоз на амониум нитрат, односно вештачко ѓубриво за два месеци, до 2 април, објави руската новинска агенција Тасс.
„Двомесечната забрана за извоз на амониум нитрат ќе стапи на сила од 2 февруари“, соопшти владината прес-служба.
„Ова е привремена мерка. Останатите количини може да се извезат по 2 април, кога руските компании ќе се снабдат со соодветни количини амониум нитрат и кога ќе се задоволи побарувачката на домашниот пазар“, изјави првиот вицепремиер Андреј Белоусов.
Руските власти се обидуваат да гарантираат доволно резерви за домашните земјоделци по големиот скок на глобалните цени на ѓубривата.
Во изминатиов период светот се соочува со глобален недостиг на амониум нитрат или вештачко ѓубриво, што предизвикува сериозни проблеми кај земјоделците. Цените на амониум нитратот на светскиот пазар се зголемени за 2,5 до 3,5 пати во однос на лани поради скокот на цената на eнергенсите и намаленото производство.
Земјоделците го употребуваат ѓубривото за да ги зголемат приносите на пченка, канола и пченица, а повисоките трошоци за ѓубрива може да резултираат со повисоки цени на месото и лебот.
Русија претставува околу две третини од светското годишно производство на амониум нитрат од 20 милиони тони, од кои повеќето се користат во ѓубрива за да се подобрат приносите за култури како пченка, памук и пченица.