Топ 20 најизвезувани производи во првите четири месеци годинава

Во првите четири месеци годинава, кога всушност се случија најголемите нарушувања во светската трговија како последица на пандемијата со корона вирусот, предизвикаа и многу потешкотии и проблеми за македонските извозници .

Голем дел од извозните компании се соочија со проблеми во транспортот и во редовно снабдување со суровини за производство, проблеми со плаќања, откажани нарачки…
Македонските извозни компании во првите четири месеци извезле производи во вредност од 1,6 милијарди евра, што е за 21,6% помалку во споредба со истиот период лани. Додека извозот само во април споредено со април претходната година имаше остар пад од 60,3%, со истовремен пад и на увозот од  50,9%.
Ниту еден сектор не беше поштеден од нарушувањата во трговијата, но податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека некои сектори имале поголем пад како индустријата за автомобилски делови, текстилната и индустријата за чевли, додека одредени индустрии како фармацевтската и прехранбената индустрија имале пораст на продажбите.

Анализата на податоците од Државниот завод за статистика (според одделни тарифни ставки) покажуваат дека катализаторите и машините за прочистување на издувни гасови, кои се произведуваат во двете фабрики на Џонсон Мети во слободната зона Бунарџик остануваат најизвезувани производи, со кои е направен над 25% од вкупниот извоз од земјава во периодот јануари- април.

На листата 20 најизвезувани производи доминираат делови кои се извезуваат за европската автомобилската индустрија, понатаму сурови руди и челични производи, текстилни производи кои се произведуваат најчесто по принципот на лон доработки.

Лековите и автобусите се единствените два готови производи  кои имаат повисока додадена вредност.
Во првите четири месеци извозот на лекови (по сите тарифи) надмина 36 милиони евра и беше поголем од извозот на автобуси кој изнесувал 30  милиони евра.

Јаболките се единственото овошје кои имат извоз од над 11 милиони евра се најде листата најизвезувани извозни производи, додека од извозот на суровиот прилепски тутун во првите четири месеци годинава е остварен извозен приход од околу 20 милиони евра.