Турција им исплати рекордна поддршка од 570 милиони долари на извозниците

Турскиот извоз во 2019 година достигна рекордни 180,46 милијарди долари, што е 2,04% повеќе во споредба со претходната година, објави министерката за трговија Русар Пекчан, која потенцираше дека и покрај сите потешкотии во домашната економија и во меѓународното опкружување изминатата година, Турција успела да оствари раст на извозот.

“Минатата година увозот се намали за 8,99%, достигнувајќи 210,4 милијарди долари, надворешно-трговскиот дефицит се намали за 44,9%, од 54,3 милијарди долари на 29,9 милијарди долари, а покриеноста на увозот со извоз се зголеми на 85,8%”, истакна Пекчан.

Турските импресивни резултати во извозот се остварени во услови кога обемот на извозни продажби на 50-те најголеми светски извозници се намали за 2,7% во 2019 година, што само потврдува дека Турција знае како мудро да ја креира трговската политика.

А што се однесува на трговската политика, најзначајната работа која според експертите имала голем придонес во растот на извозот и државната финнсиска помош за турските извозни компании, која лани достигна рекордни 570 милиони долари.

Турција е една од државите кои масовно и на повеќе основи го поддржува извозот и извозните компании, преку различни шеми на субвенции, поволни кредити, финансиска поддршка за настап на саеми….Турските извозни компании од државата добиваат финансиска поддршка за технологија, рекламирање, брендирање и дизајн, за покривање на трошоци за складови и продажни салони, за пазарни истражувања, електронска трговија, финансирање на аквизиции…

Со 26,88 милијарди долари извоз, автомобилите се најважниот извозен производ на Тирција во 2019 година.

Главна дестинација на Турција за извоз е Германија со 16,6 милијарди долари извоз, а по неа следат САД со извоз од 11,28 милијарди долари и Ирак со извоз од 10,2 милијарди долари.